Пендаровски: Да градиме општество ослободено од предрасуди

Пендаровски: Да градиме општество ослободено од предрасуди

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати честитка до граѓаните по повод 8.Септември, Денот на независноста на нашата држава.

Почитувани граѓани,

Во 1991-та, во неизвесно време, ние, граѓаните, се обединивме околу идејата за своја, независна држава. Тогаш, големиот предизвик, наместо причина за поделби, стана повод за обединување, сите се собравме околу идејата за независна и суверена Македонија.

Низ годините имавме и подеми и падови, и грешки и успеси, но, заедно, ги надминавме сите искушенија.

Во 1991-та одбравме независност, во 2001-та меѓуетнички соживот. Денес сме пред портите на европските и евроатлантските институции. За да стигнеме до целта, треба повторно да го обновиме единството што го имавме на почетокот на независноста. За тоа ни е неопходно граѓанско помирување, а за трајно помирување потребна е ефикасна правда и државни институции со интегритет.

Ако сакаме младите генерации да останат во земјата и тука да живеат, да работат и да создаваат иднина, мора да се потрудиме многу повеќе како држава и да им обезбедиме услови да се реализираат и да успеат дома, во својата земја.

Драги граѓани,

Нашата различност е нашата привилегија. Колку поразлични сме, толку побогат и поубав ќе биде нашиот заеднички дом. Да градиме заеднички држава во која сигурно има место за сите нас, да градиме општество ослободено од предрасуди. Држава и општество во која има продуктивен политички дијалог, социјална правда, солидарност кон ранливите и заборавените, во која и државата и граѓаните се грижат за животната средина. Држава во која владее правото, во која истите правила важат за сите нас, и за силните и за слабите, и за моќните и за немоќните, и за власта, и за опозицијата. Држава во која ќе се признаваат грешките и ќе се честитаат успесите. Само таква држава ќе има сигурна и просперитетна иднина.

Нека ни е вечна државата!

Нека ни е честит Денот на Независноста!

Прочитајте повеќе

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден …