Пишува: Зоран Милошески
На градскиот плоштад „Методија Андонов-Ченто“ во Прилеп, вечерва и официјално започна изборната кампања на кандидатот за Претседател на државата, Стево Пендаровски.
На трибината на која покрај голем број граѓани на Прилеп присуствуваше и претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, Пендаровски рече дека не случајно кампањата ја започнува од Прилеп, бидејќи никој повеќе од градот херој не знае како се добиваат битки. Заедничкиот кандидат на СДСМ и партиите кои застанаа зад неговата кандидатура за Претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски потенцираше дека државата испиша и живее своја, но и регионална, европска и светска историја, дека тргна напред, препознаена и призната како рамноправен партнер на светот.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во своето обраќање истакна дека после 10 години, нашата држава во Стево Пендаровски повторно ќе има Претседател кој ќе биде предводник на интеграциските процеси, но и предводник на животот во државата.
Пред своите сограѓани, од трибината својата животна приказна ја раскажаа двајца млади и успешни луѓе: Златко Спиркоски, основач на клубот за екстремни спортови Скајрајдерс, организатор на бројни меѓународни натпревари во мотокрос, маунтбајк и параглајдинг, како и младата адвокатка Викторија Наумоска.