Пенов - Растат долговите во општините, советите и градоначалниците лошо менаџираат

Пенов – Растат долговите во општините, советите и градоначалниците лошо менаџираат

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов изјави дека оваа година сите општини имаат зголемени трошоци и долгови во споредба со минатата година, а дека земјава е пониско децентрализирана од европските стандарди, со што општините не ги користат ингеренциите коишто им ги овозможува законот.

Според Пенов, во моментов во општините постои „многу лош менаџерски однос“, и на градоначалниците, но и на советите и управите.

Во интервју за МИА, Пенов вели дека анализа направена заедно со УНДП за функционирањето на општините во кризата, покажува дека во сите општини во земјава вкупните трошоци за енергија во периодот јануари-септември 2022 година, споредено со истиот период минатата година, се зголемени за една милијарда денари.

„А, во споредба со вкупните приходи коишто изнесуваат околу 40 милијарди денари, тоа е голем трошок. Општините овој трошок го префрлиле во намалување на капиталните инвестиции и тоа уште повеќе ги зголемува трошоците. Згора на тоа, според анализата, со дополнителни 800 милиони денари општините ги зголемиле своите долгови и ги издигнале на ниво 4.2 милијарди денари, што во однос на 40 милијарди приходи е повеќе од 10 проценти“, вели Пенов.

За проблемот со приватните автобуски превозници, Пенов смета дека еден милион евра не се голем проблем за Градот Скопје и за ЈСП и дека тоа не може да биде мотив за да се блокира главниот град, и како што вели, да се упропастат десетици милиони евра за трошоци на граѓаните за справување со последиците.

Според него, како политичка позадина за случувањата на Градот Скопје со приватните превозници стои опозицијата.

Приватните превозници неколку денови го блокираа главниот град, но потоа најавија дека ги повлекуваат блокадите.

Во меѓувреме, Советот на Град Скопје откако ја одржа 21-та седница им даде рок од седум дена на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и на ЈСП да достават информации за градскиот превоз во главниот град.

Градоначалничката и ЈСП треба да кажат каква е актуелната состојба во јавниот превоз во Скопје, состојбата во ЈСП, како и за начинот на организација и реализација на јавниот градски превоз.

Минатиот месец поради неисплатени плати автобусите на ЈСП еден ден не возеа низ Скопје.

Откако Град Скопје под чија капа е јавното претпријатие пренамени пари за плати на ЈСП, автобусите се вратија на улиците.

Потоа и приватните превозници кои беа дел од јавниот превоз во Скопје, протестираа оти ЈСП и Град Скопје им должат пари.

Градот ги раскина договорите со двете здруженија на приватни превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, а линиите на кои возеа приватниците ги пополнија со автобуси на ЈСП.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Прв работен ден за новата Влада – резултати или само ротација на кадри?

Прв работен ден за новата Влада – резултати или само ротација на кадри?

Новата власт, која најавува видливи резултати, економијата и животниот стандард на граѓаните ги стави меѓу …