Петмина членови на грчкиот тим за хуманитарна помош, кој беше испратен во Либија по разорните поплави што ја погодија Дерна, загинаа во сообраќајна несреќа, соопшти во понеделникот на 18 септември грчката армија.
„Пет тела, меѓу кои тројца функционери на грчката армија и двајца преведувачи од грчкото Министерство за надворешни работи, кои беа дел од хуманитарниот тим, ќе бидат вратени во Атина во понеделник“, се вели во соопштението на грчкиот началник на Генералштабот, пишува АФП.
Либиските власти во неделата соопштија дека четири лица загинале во несреќата што се случила кога грчкиот тим бил на пат од Бенгази кон Дерна, 300 километри источно.
Либискиот министер за здравство Отман Абделџалил изјави дека до несреќата дошло кога возило со 19 членови на грчкиот тим се судрило со автомобил во кој се наоѓало семејство од Либија. Три лица во семејниот автомобил загинале, а двајца биле тешко повредени.
Од 14-те други повредени членови на грчкото возило, сите освен еден се вратени на лекување во Грција. Едно лице е хоспитализирано во Либија бидејќи повредите не му дозволиле да се врати во Грција, соопшти армијата.
Во неделата Грција испрати хуманитарна помош во областите на Либија погодени од смртоносните поплави што ги донесе бурата „Даниел“.