Пластика Ѓубре

Планетата Земја го слави светскиот ден задушена во пластика

Пластиката е една од најголемите закани за луѓето и биодиверзитетот, присутна е во секоја животна средина, загадувајќи ја почвата и водите и со тоа нарушувајќи ја деликатната рамнотежа на животот на Земјата

Денот на планетата Земја, што традиционално се одбележува на 22 Април, оваа година е посветен на борбата со пластиката и пластичниот отпад. Под мотото „Планета vs пластика“ се започнува кампања за намалување за 60 отсто на целокупното производство на пластика до 2040 година и се апелира за инвестирање во иновативни технологии и материјали за да се изгради свет без пластика.

Пластиката е една од најголемите закани за луѓето и биодиверзитетот, присутна е во секоја животна средина, загадувајќи ја почвата и водите и со тоа нарушувајќи ја деликатната рамнотежа на животот на Земјата. Ова особено важи за пластиката за еднократна употреба, за кој се бара итно целосно исфрлање преку обврзување на сите земји од светот.

Денот на планетата Земја ќе биде одбележан и во земјава. Еколошката организација „Еко свест“ формира еко-патрола со учениците од ОУ „Страшо Пинџур“ во Вевчани со кои ќе го расчистуваат отпадот од заштитеното подрачје Вевчански Извори и на тој начин ќе ја подигнат свеста кај локалните заедници за загадувањето кое доаѓа најмногу од производи од пластика која не се распаѓа.

Планетата Земја го слави светскиот ден задушена во пластика
Фото: Еко свест

„Како производ кој доаѓа од фосилни горива пластиката во целиот свој животен век – од екстракција, до производство и отпад- придонесува за загревање на Планетата и го прави невозможно намалувањето на последиците од климатските промени. Пластиката е штетна за здравјето на луѓето и ја загадува животната средина“, велат од „Еко свест“.

Од таму препорачуваат да се избегнуваат производи во пластична амбалажа и да се користат платнени торби за пазарење. Пластиката која се создава во домот не треба да се фрли туку да се рециклира, а најдобро е доколку се намали отпадот кој се создава во домот или канцеларијата.

Македонското еколошко друштво Денот на Земјата го одбележува со активности на Мрежата за искуствено учење, преку која ја подигнува свеста за важноста на животната средина и овозможува научно-базирано учење за младите поколенија.

Планетата Земја го слави светскиот ден задушена во пластика
Фото: МЕД

„Мрежата за искуствено учење им дава можност на учениците да се запознаат со природата, да ги разберат нејзините процеси и да се вклучат во активности за нејзината заштита. Така, ги обучуваме најмладите како да ја ценат и заштитуваат планетата Земја за идните генерации. Секој од нас, со своите акции, може да придонесе кон зачувувањето на природата. Садењето на дрва, рециклирањето, заштита на екосистемите и промовирање на одржлив начин на живеење се само некои од начините со кои можеме да ја заштитиме планетата Земја“, велат од МЕД.

Денот на планетата Земја е потсетник за важноста од зачувување и одржливост на животната средина, и потсетува дека сите мора да преземеме акција за поздрава планета и посветла иднина.

Целта на одбележувањето на овој ден во целиот свет е преку различни настани, прибори со алатки и иницијативи, да се подигне свеста, да се инспирираат промени и да се поттикне подлабока врска со природата со што ќе се заштити Земјата за генерациите што доаѓаат.

Секоја минута во светот се купуваат милион пластични шишиња, а се користат до 5 трилиони пластични кеси

Се проценува дека 75 до 199 милиони тони пластика моментално има во океаните, секоја минута во светот се купуваат милион пластични шишиња, а годишно се користат до пет трилиони пластични кеси. Се проценува дека секоја година во САД се фрлаат 9,7 милијарди догорчиња од цигари, од кои 4 милијарди во водата. Тие сочинуваат речиси 20% од целото ѓубре.

Од 1950-тите до 1970-тите, била произведувана мала количина на пластика, па оттаму, било лесно да се менаџира. Меѓутоа, помеѓу 1970-тите и 1990-тите, производството на пластичен отпад се зголемило повеќе од тројно, што одразува сличен пораст на производството на пластика. Во раните 2000-ти, количината на пластичен отпад за една деценија се зголемила повеќе отколку во претходните 40 години, за сега, да се произведуваат 400 милиони тони пластика секоја година.

Пластичните производи за еднократна употреба се насекаде. За многумина од нас тие станаа составен дел од нашето секојдневие, како на пример пластичните шишиња за вода, шампоните, кутиите за сладолед, кесите, пластични лажици, вилушки, кесите за чипс, чашите за топли пијалоци итн.

Од седум милијарди тони пластичен отпад создаден на глобално ниво досега, помалку од 10 отсто се рециклира. Милиони тони пластичен отпад се губат во животната средина или понекогаш завршува илјадници километри до дестинации каде што најчесто се согорува или се фрла. Проценетата годишна загуба во вредноста на отпадот од пластична амбалажа само при селектирање и преработка е 80-120 милијарди американски долари. Догорчиња од цигари, чии филтри содржат ситни пластични влакна, се најчестиот вид пластичен отпад што се наоѓа во околината. Обвивките за храна, пластичните шишиња, пластичните капачиња од шишиња, пластичните кеси за намирници, пластични сламките се следни. Многумина од нас ги користат овие производи секој ден, без воопшто да размислуваат каде би можеле да завршат, се вели анализата на Програмата за животна средина на Обединетите нации „Нашата планета се дави во пластика“.

Таму се додава дека повеќето пластични предмети никогаш целосно не исчезнуваат – тие само се распаѓаат на помали и помали парчиња. Тие микропластики можат да влезат во човечкото тело преку вдишување и апсорпција и да се акумулираат во органите.

Микропластиката се наоѓа во нашите бели дробови, црн дроб, слезина и бубрези. Една студија неодамна откри микропластика во плацентата на новородените бебиња. Целосниот степен на влијанието врз здравјето на луѓето сè уште е непознат. Сепак, постојат значителни докази дека хемикалиите поврзани со пластиката, како што се метил живата, пластификаторите и забавувачите на пламен, можат да навлезат во телото и се поврзани со здравствени проблеми. Во земјите со лоши системи за управување со цврст отпад, пластичниот отпад – особено пластичните кеси за еднократна употреба, може да ги затнува канализаците, со што се обезбедува почва за размножување на комарци и штетници и како резултат на тоа, го зголемува преносот на вектор-преносливи болести, како што е маларијата, стои во анализата.

Што може да се направи?

Властите се клучни актери во синџирот на вредност на пластиката и има неколку работи што тие можат да ги направат. Прво, тие можат преку забрани да ги елиминираат пластичните производи кои не ни требаат. Власите, исто така, можат да промовираат иновации, така што пластиката што ни треба да биде дизајнирана на начин кој ќе овозможува повторна употреба. До владините политики е дали ќе се погрижат пластиката да циркулира во економијата што е можно подолго.

Во однос на пластичната индустрија, од Обединетите нации апелираат дека таа може да ги елиминира проблематичните или непотребните пластични пакувања или производи со редизајнирање на производи за зголемена одржливост и иновирање на нивните деловни модели за да преминат од еднократна употреба на пластични производи за повеќекратна употреба.

За крај, секој поединец може да придонесе во намалувањето на користење на пластика – преку барање од рестораните да престанат да користат пластични сламки, до носење сопствена шолја за кафе на работа, преку притисок врз локалните власти да го подобрат начинот на кој управуваат со отпадот.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се …