ТикТок

По најавата на Инстаграм, и ТикТок тестира „претплати“ на каналите на креаторите

Видео платформата ТикТок најави дека тестира поддршка за претплати од страна на корисниците, со што им го отвора патот на креаторите да наплатат за нивните содржини. Оваа информација ја сподели „Д Врџ“ (The Verge), повикувајќи се на „The Information“.

Засега нема информации кај колку креатори се тестира оваа нова функција, ниту пак кога истата би станала достапна за сите.

Од ТикТок потврдиле дека концептот на претплати е во фаза на тестирање и дека секогаш размислуваат за нови начини кои даваат вредност на ТикТок заедницата.

Доколку овој концепт биде усвоен, ова е уште еден чекор со кој видео платформата ќе им помогне на своите создавачи да ја монетизираат нивната содржина, откако претходно го претстави својот „Creator Next“ центар за монетизација, како и опцијата за делење „бакшиш“.

Информацијата за ТикТок доаѓа откако и Инстаграм објави дека ја тестира опцијата „Претплати“ кај десетина американски креатори. Некои медиуми пишуваат дека цените ќе се движат од 1 до 100 американски долари, а Инстаграм нема да бара процент од претплатата, барем до крајот на 2023 година.

Дигиталните платформи со месеци се обидуваат да им помогнат на своите креатори да заработат од нивните содржини.

Претплатите на профилите на креаторите ги популаризираше платформата „ОнлиФанс“. Минатата година и Твитер ги лансираше „СуперФолоус“ (SuperFollows) – нивната верзија на моделот за претплата. Јутјуб, пак, ваква функција нуди од 2018 година.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

поточиња 2024

Поточиња викендов седум пати ја наполнија Филхармонија

Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен …