Осумдесетмина натпреварувачи од повеќе градови во државата учествуваа на настанот „Осоговски велеслалом 2021“, кој после неколкугодишна пауза, вчера повторно се одржа на спортско-рекреативниот центар „Пониква“.

Учесниците на натпреварот, кој е во организација на општина Кочани и Скијачката федерација на Македонија, се натпреваруваа во пет категории во машка и женска конкуренција – цицибани, деца, млади, сениори и ветерани.

И покрај топењето на снегот поради сончевото време и температурите до 6 степени, ски- патеката 3, каде што се одржа натпреварот, беше добро подготвена и ги задоволи критериумите за нормална реализација на скијачкиот настан.

„Осоговски велеслалом“, чија цел е да се промовира Пониква како скијачки центар, се одржува по иницијатива на градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев. Тој денес присуствуваше на настанот, за кој рече дека ги потврдил очекувањата дека интересот за скијање е голем и оти недостасуваат повеќе натпреварувања од ваков карактер.

„По создавањето на услови за развој на зимските спортови на Пониква, еден од предизвиците беше да го продолжиме традиционалното одржување на „Осоговски велеслалом“. Интересот за скијањето е огромен и ова е една обврска и задача за локалната самоуправа и сите чинители во државата да продолжат да создаваат што е можно подобри услови за зимските спортови во целата држава“, изјави Илијев.

„Осоговски велеслалом“ важеше за манифестација што во минатото ги собираше најдобрите скијачи од повеќе клубови во државата. По 26-годишен прекин, настанот беше возобновен во 2013 година, а оттогаш последен пат се одржа во 2015 година.

Годинава на настанот учествуваше и швајцарската амбасадорка Сибил Зутер Техада, која, покрај другите натпреварувачи, успешно ја заврши трката. Амбасадата на Швајцарија исто така придонесува за развојот на Пониква како зимски туристички центар.

Идејата на настанот беше да се мотивираат децата и младите да научат да скијаат, а оние што ја поседуваат оваа вештина – повеќе да ја практикуваат. По завршувањето на натпреварот, на најуспешните натпреварувачи во сите категории им беа доделени награди и признанија од страна на Општина Кочани.

Извор:МЕТА