По протестот на средношколците, министерката Царовска понуди комбиниран модел за настава (ГАЛЕРИЈА)

По протестот на средношколците, министерката Царовска понуди комбиниран модел за настава (ГАЛЕРИЈА)

По одржувањето на вчерашниот протест на средношколците кои се против целосна онлајн настава, младите се сретнаа со новата министерка за образование и наука, Мила Царовска, која на двата состаноци со учениците и родителите понуди комбиниран модел за настава.

„Врвен приоритет е започнувањето на училишната година на први октомври, за што како Влада нудиме комбиниран модел за настава. Во училиштата каде се исполнети условите од протоколите, наставата може да почне со физичко присуство, а таму каде нема услови, часовите ќе се следат онлајн“ напиша на својот Фејсбук профил, министерката Царовска.

Вчера попладнето пред МОН средношколците протестираа против одлуката на Владата за целосна онлајн настава во учебната година што треба да започне на 1 октомври. Како што велат тие, комбинирано или хибридно учење е најефикасен начин за настава во време на пандемија. Нивниот предлог е секоја општина и училиште посебно да одлучат за најбезбедниот начин за одвивање на наставата.

Со свирежи и транспаренти: „Ништо за нас, без нас“, „Два начини се секогаш подобри од еден“, „Владата онлајн, учениците офлајн“, „Дали се шегувате со нас?“, „Не ме терајте да се преселам во Европа“, средношколците го изразија својот револт, а подоцна се упатија кон Владата.

Инаку минатата недела тие веќе беа на состанок со претставници на владата, а потоа присуствуваа и на состанокот на Комисијата за заразни болести, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче.

Во изјава за „Мета.мк“, Лука Павиќевиќ, член на Извршниот одбор на Сојузот на средношколци изјави дека Сојузот со оваа проблематика се занимава уште од јуни.

„Дури тогаш Сојузот испраќаше свои предлози и извештаи до МОН, но не добивме никаков одговор, до првата средба којашто се случи неодамна. Ние секако продолжуваме со состаноците со Владата, со цел да ги унапредиме, промениме и подобриме веќе постоечките протоколи, како и да издејствуваме решенија за прашањата кои можеби сè уште не се адресирани. Сепак, силно веруваме дека гласот на средношколците мора да биде слушнат. Па, затоа го организираме протестот“, рече тогаш Павиќевиќ.

Прочитајте повеќе

Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Обвинителство: Врховниот судија Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Јавен обвинител предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, …