Крушево по седми пат ја одбележа „Дева“

На ден пред Бадник, крушевчани ја слават „Дева“, празник кој своите корени ги влече од Русија и Украина, но пред сѐ од Романија.

„Дева“ е, всушност, предвесник на раѓањето Христово, чиј главен симбол е Витлеемската ѕвезда. Оттаму „Дева“ е славење на ѕвездата која ја следеле мудреците.

Легендата вели дека кога Исус се родил во Витлеем, на небото се појавила ѕвезда. Мудреците од истокот ја следеле таа ѕвезда и кога дошле да му се поклонат на Синот Божји, му принесле злато, ливан и смирна. Тие ги следеле пророштвата и знаеле дека ќе се роди Синот Божји, кој ќе дојде на земјата на начин што ќе ја земе човечката природа на себе и ќе ја обожи, со што ќе даде пример дека сите ние треба да ги следиме и исполнуваме божјите заповеди. На таков начин му било кажано на човекот дека може да се спаси и да живее вечен живот.

На синоќешното седмо по ред официјално одбележување на „Дева“, пред присутните граѓани и гости од другите градови, се обрати градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски, кој потенцираше дека настанот преминува во вистинска туристичка атракција.

Покрај црвените ѕвезди и традиционалните песни кои се одбележја на „Дева“, синоќа по повод празникот во градскиот парк во Крушево се одржа и Божиќен базар со традиционални јадења и различни изработки на членките на здружението „Крушевска жена“.

„Дева“ е еден од заштитните знаци на Крушево, манифестација која претставува уникатно обележје на традицијата и културата на општината, празник кој зборува за гостопримливоста и позитивниот дух на крушевчани.

Одбележувањето на празникот започна како проект од областа на одржливиот развој на туризмот, насловен како „Дева – во чест на новото раѓање“, кој пред 7 години го реализираа учениците од СОУ „Наум Наумовски-Борче“ од Крушево.

Прочитајте повеќе

Избори во Русија: Путин се велича и се колне во единство

Резултатот е очекуван: Владимир Путин шест натамошни години ќе остане на чело на земјата. Вистинска …