По средбата во Софија: Ќе го тргне ли Бугарија ветото за Северна Македонија?

По средбата во Софија: Ќе го тргне ли Бугарија ветото за Северна Македонија?

Дали динамиката на разговорите меѓу Петков и Ковачевски може да доведе до отстранување на ветото? Петков цели кон тоа, вели бугарскиот политиколог Димитар Бечев. Но, дали ќе успее е друга работа.

„Добрососедството ќе биде издигнато на пиедесталот “, порача бугарскиот премиер Кирил Петков на прес-конференција со македонскиот колега Димитар Ковачевски. На меѓувладината средба во Софија, претставниците на владите на двете земји потпишаа три меморандуми: за соработка во земјоделството, за унапредување на малите и средни претпријатија во двете земји и за развој на железничката врска Софија-Скопје. Така, по договорената авионска линија во Скопје пред една недела, граѓаните на двете земји ќе можат да го посетат соседот и со воз. Но, дали сето ова ќе им помогне на Македонците да отпатуваат и кон Брисел?

Дали економската интеграција може да доведе до историски консензус? 

Политикологот професор Антониј Тодоров е оптимист.

„Пред бугарското вето, историската комисија работеше во поволни услови. Таа успеа да постигне некакви договори“, потсетува тој. Усвојувањето на Рамковната позиција за проширувањето на ЕУ во 2019 година и последователното блокирање на почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ ги заострија односите и попречија каков било напредок.

„Усогласеноста се наруши кога стана јасно дека Бугарија ќе стави вето. Комисијата работи во контекст на севкупните односи меѓу двете земји“, вели проф. Тодоров. Затоа и динамиката во односите меѓу новите влади во Бугарија и Северна Македонија е оптимистички сигнал.

Д-р Димитар Бечев, соработник во Атлантскиот совет на САД и професор на Оксфорд, има поинакво мислење. Сегашната динамика „едноставно ќе ги стави историските спорови во втор план“, вели тој. „Ќе биде тешко да се најде решение, бидејќи двете национални приказни се во конфликт. Сепак, клучно е кои научници и историчари учествуваат во дебатата. Има историчари кои немаат цел да ја бранат оваа или онаа национална позиција“, вели Бечев. „Се надевам дека барем нивниот глас ќе се слушне во јавноста.

БСП и ИТН веројатно нема да ризикуваат нови избори  

На конгресот на БСП, која е коалициски партнер во актуелната бугарска влада, лидерката на партијата Корнелија Нинова уште еднаш истакна дека нема да има промена на тврдата позиција за Северна Македонија. Слично мислење се слуша и од другиот коалициски партнер на владата во Софија – „Има таков народ”.

Дали овие две партии можат да станат камен на сопнување за каков било обид за пробив?

„Владина криза и нови избори може да бидат погубни за нив“, вели д-р Бечев. На сличен став е и професорот Тодоров: „Прашање е колку тие ќе го ризикуваат своето останување во владата и воопшто во парламентот”.
Освен тоа, консолидацијата на електоратот зад тврдата позиција кон Северна Македонија засега не изгледа неопходна. „Нема скорешни регуларни избори за да се грижат за своите гласачи“, вели Тодоров.

Димитар Бечев„Мислам дека Петков цели кон отстранување на ветото. Но дали ќе успее е друго прашање“, вели Димитар Бечев.

Ќе треба ли Бугарија да отстапи од дел од своите барања за да се дојде до консензус? Според професорот Тодоров, потребно е да се покаже флексибилност. Тој дава конкретен пример: „Прашањето за вклучување на Бугарите во уставот на Северна Македонија е контроверзно и може многу полесно да се реши со друг закон. Едноставно затоа што за промена на устав е потребно преголемо мнозинство, а мнозинството во Скопје е кревко“.

Може ли Бугарија да го отстрани ветото годинава? 

Бечев не верува дека конфликтот меѓу Русија и Украина на кој било начин може да влијае на бугарското вето. Нема да се зголеми притисокот на ЕУ за пристапување на Северна Македонија и Албанија? „Многу поверојатно ќе не заборават поради тензијата таму“, вели Тодоров.

На денешната прес-конференција Петков и Ковачевски повеќепати потенцираа дека работата на заедничките комисии меѓу двете земји продолжува со иста забрзана динамика. Историската комисија ќе одржи и најмалку три состаноци во следните четири месеци. Политичките прашања останаа во втор план.

Дали е реално Бугарија да го укине ветото во 2022 година?

„Мислам дека Петков цели кон тоа. Но дали ќе успее е друго прашање“, вели Димитар Бечев.

„Реално е да биде оваа година, но тешко дека ќе се случи многу брзо“, изјави Антониј Тодоров. „Ќе треба да се преземат неколку чекори за да се подобри севкупната клима на односите. Да почнат да работат и останатите комисии, за да создадат подобри услови за работа и на самата историска комисија“, резимира тој.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …