Половина од општините не објавуваат редовно информации за јавните набавки (инфографик)

Половина од општините не објавуваат редовно информации за јавните набавки (инфографик)

Само една од пет општини, поточно нецели 20 отсто, на своите интернет страници тековно ги објавуваат огласите за јавни набавки, покажа прегледот што Новинската агенција „Мета.мк“ деновиве го направи на страниците на 80 општини и Градот Скопје. Скоро половина од општините или 48% немаат објавено никакви податоци за јавните набавки или постоечките им се застарени.

Стари договори или празни категории за јавни набавки имаат 15 општини, а 21 општина немаат ниту тековни огласи, ниту линк до нивните огласи на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН).

Градот Скопје и уште 26 општини, пак, ги објавуваат само крупните јавни набавки, склучени договори или имаат објавено линкови до огласната страница на ЕСЈН. Една општина воопшто нема веб-страница, а други две имаат исклучително нефункционално присуство на интернет.

Само 16 општини редовно и тековно ги објавуваат огласите за јавни набавки на своите веб-страници, покажа анализата на „Мета“ на интернет страниците на 80 општини и Градот Скопје.

Ниското ниво на транспарентност на локалните власти се потврдува и во Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации. Според овој индекс општините објавуваат само една четвртина од информациите за финансиите кои треба да ги објавуваат.

Владата минатата недела им препорача на општините и на Градот Скопје да ги објавуваат основните информации за јавните набавки на своите интернет страници, како постапка за транспарентност во согласност со Националниот акциски план за отворено владино партнерство.

„И општините и министерствата најслабо стојат кај активното објавување информации од областа буџетска и фискална транспарентност, каде што од можни 100 отсто, општините исполнуваат само 26 отсто (лани 25 отсто), а министерствата 57 отсто (лани 26 отсто) од обврските за активно објавување информации“, се заклучува во анализата на Центарот за граѓански комуникации.

Иако е повисока во однос на лани, активната транспарентност на министерствата и на општините и во 2019 година останува на ниско ниво, нагласува ЦГК, наведувајќи дека процентот на исполнување на обврските за проактивно објавување на информациите од јавен карактер е 56 отсто кај сите 97 институции вклучени во истражувањето.

„Трета година по ред расте активната транспарентност на министерствата, додека по двегодишниот пад, конечно пораст забележува и активната транспарентност на општините. Сепак, остана големиот јаз меѓу степенот на активна транспарентност на министерствата и на општините“, стои во истражувањето, кое утврдило просечна активна транспарентност од 77,6 отсто кај министерствата и 51, 7 кај општините.

Втора година по ред, само 8 од 20 најдобро рангирани институции се општини, за разлика од 2017 година, кога во таа категорија биле 16 општини. Наспроти тоа, само општини ги заземаат последните 39 места на ранг-листата на Центарот за граѓански комуникации.

Вкупната вредност на јавните набавки на општините во Македонија лани изнесувалa 80 милиони евра, а биле реализирани 2.737 јавни набавки.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …