Премиерот Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, заедно со градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов и државниот секретар во Министерството за финансии на Република Словенија Метод Драгоња, денеска, присуствуваа на свеченоста по повод пуштање во употреба на објекти за снабдување со здрава и квалитетна вода за пиење во Општина Пробиштип, со кои се решава проблемот со водоснабдувањето за жителите на оваа општина.
Премиерот Заев посочи дека проектот „Ревитализација и автоматизација на постоечките објекти за водоснабдување во Општина Пробиштип“ во вредност од 1.200.000 евра е остварен со учество од 600.000 евра од Владата на Република Северна Македонија и исто толку од Владата на Република Словенија и словенечкиот Центар за меѓународен развој и соработка.
Заблагодарувајќи се за сесрдната и континуирана поддршка од пријателска Словенија, која и помага на Северна Македонија во остварувањето на патот кон Европската Унија, премиерот Заев ја истакна посветеноста на Владата да го помага и поддржува развојот на општините, на локалните заедници поттикнувајќи проекти кои обезбедуваат подобар и поквалитетен живот на граѓаните.
„Со намера оваа поддршка да добие уште поцврста системска структура, на една од последните седници на Владата донесовме одлука за формирање Меѓуресорска работна група задолжена за обезбедување на натамошен квалитетен развој и имплементација на процесот на децентрализација и на рамномерниот регионален развој“, рече премиерот Заев.
Вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев истакна дека со реализација на овој проект се решаваат проблемите денес, но и во иднина со водоснабдување за граѓаните, но и за бизнис секторот во Пробиштип.
,,Две странски компании реализираат инвестиции во Пробиштип. Словенечката компанија ,,ТАБ МАК” ќе реализира втора инвестиција во вредност до 25 милиони евра и нови 80-ина вработувања, а со работа наскоро ќе започне и производствениот капацитет на компанијата „Кранфилд Фаундри“, кои со сигурност ќе имаат потреба од питка вода. Овој проект има и дополнителна вредност бидејќи е дел од разрешување на проблемите со хидросистемот Злетовица, кој има добра замисла, но не е целосно реализиран“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.
„Овој проект официјално заврши во јуни 2019 година со надградбата и зголемувањето на вкупниот капацитет на произведена вода за пиење на 100 литри во секунда, со што се задоволуваат денешните, но и идни побарувања на општината. Со реконструкцијата и автоматизацијата на пумпната станица Ратавица се овозможува секундарен, резервен систем за снабдување на сирова вода за пречистителната станица за вода за пиење во Општина Пробиштип“, нагласи градоначалникот Анастасов, потенцирајќи дека со ставање во функција на пумпните станици, се овозможува непрекинато водоснабдување и за индустриската зона „Неокази“ во општина Пробиштип, со што ја подготвуваме зоната за нови инвестиции.
Државниот секретар во Министерството за финансии на Словенија, Драгоња, во своето обраќање истакна дека денешниот настан на пуштање во употреба на ревитализирани објекти за водоснабдување, е резултат на добрата соработка со Владата на Северна Македонија и останува добар пример за идна соработка во економската, развојната и политичката сфера.
„Општина Пробиштип навремено ги препозна зголемените потреби за обезбедување на доволни количини квалитетна вода за пиење во однос на потребата на жителите и зајакнување на економските активности во општината. Република Словенија пак, го препозна проектот како важна развојна потреба за вашата општина и одлична можност за зајакнување на билатералната развојна соработка со Република Северна Македонија, со цел да се консолидираат меѓусебните политички и економски врски“, подвлече државниот секретар Драгоња.
Во рамки на посетата на Пробиштип, премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев остварија средба и со менаџментот на компанијата „ТАБ МАК“ и направија обиколка на погоните на фабриката.