Поништен изборот на владата на Косово, наскоро нови парламентарни избори

Поништен изборот на владата на Косово, наскоро нови парламентарни избори

Уставниот суд на Косово вчера оцени дека изборот на владата на премиерот Авдулах Хоти бил неважечки, бидејќи за неа гласал и пратеникот Етем Арифи, кој имал правосилна судска пресуда во последните три години, а според тоа, не можел ни да биде пратеник, јавија балканските новински агенции.

Судот оценил дека според Уставот на Косово и Законот за општи избори, Арифи ниту можел да биде кандидат за пратеник, ниту можел да добие важечки мандат, со што неговиот глас е неважечки, односно владата на Авдулах Хоти на 3 јуни годинава била изгласана спротивно на легислативата. Гласот на Етем Арифи се смета за пресудниот за обезбедување мнозинство за изгласување на владата формирана од Демократскиот сојуз на Косово.

Во одлуката, која е донесена по жалбата на движењето „Самоопределување“ на претходниот премиер Албин Курти, се наложува претседателот на државата мора да распише вонредни парламентарни избори, коишто мора да се одржат најдоцна 40 дена од денот на распишувањето.

Фатон Пеци, шеф на кабинетот на в.д. претседателката на Косово, Вјоса Османи, за приштинската кабелска телевизија Канал 10 изјавил дека за одлуките на Уставниот суд не се расправа и дека Османи денеска ќе почне консултации со политичките партии за датумот на вонредните парламентарни избори.

Косовската Централна изборна комисија соопшти оти Арифи сокрил дека правосилно е осуден и се кандидирал на парламентарните избори, кои се одржаа на 6 октомври минатата година.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Светските лидери го осудија големиот ирански напад врз Израел, а многу Иранци се загрижени дека …