Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се оштети некој диск, ќе изгубите сè. Лозинките што ги креирате да бидат доволно долги и силни. На Инстаграм не постирајте во живо каде сте, бидејќи со Geospy лесно ќе ве лоцираат. Не одговрајте на мејлови или пораки од некој случајно избрано корисничко име.

Ова се само дел од советите кои ги дадоа професорите и младите што учествуваа на денешниот вебинар насловен „Сајбер чистка: бришење на дигиталната прашина“. Професорите од Факултетот за информатички технологии и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), Иван Чорбев, професорката од Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како и Александар Ристески, претседателот на студентското собрание на ФИНКИ, споделија знаења и искуства на тема сајбер безбедност и сајбер хигиена.

Професорката Милева кажа дека сајбер хигиената е сè поактуелна и дека целта е да се создаде околина во која ќе се придонесе побезбедно функционирање на Интернет.

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн
Професорката Александра Милева | Принтскрин
„Идејата е сами да се заштитиме, да ги заштитиме нашите социјални мрежи, мејлови, нашето дигитално присуство на Интенет. Има многу работи кои можете да ги правите, бирајте добра лозинка, доволно долга. Ако порано мерило беше да е составена од 8 знакови минимум, сега е 10 до 12 знакови. Во бизнисите се бара и подолга лозинка. Треба таа да има и знаци, од сите три множества на знаци, специјални знаци, цифри. Не треба да се користат зборови кои се поврзани со вас. Не треба да користиме стари лозинки, добро е да можеме на повеќе системи да користиме различни лозинки. Секаде каде што може, треба да се користи двофакторска афтентикација, бидејќи лозинката може да е украдена со фишинг, а на овој начин се дава уште едно ниво на заштита“, рече професорката.

Внимателно со објавите на фотографии на Инстаграм  во реално време 

За тоа, кои се предизвиците со кои се соочуваат младите денеска, студентот Ристески кажа дека најчесто предизвик е објавата на фотографии на социјалните мрежи, во реално време.

„Младите своите слики ги објавуваат на Инстаграм во истиот момент во кој се наоѓаат на одредена локација. Ако некој сака да наштети преку мета податоците или ако веќе има некои апликации кои се веќе комерцијализирани и бесплатни, како Geospy, на пример, може со едноставен скен на сликата да се најде локацијата на која се наоѓа личноста. Затоа, не е паметно да се постира во истата секунда каде се наоѓате“, сподели Ристески.

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн
Александар Ристески, од Стидентското собрание на ФИНКИ
Тој кажа дека користи менаџер за лозинки, софтвер кој креира силни лозинки и нема потреба да ги памти.

„Важно е младите да имаат двојна афтентикација. Често гледам дека немаат, а имаат навика да си испраќаат пораки кон себе на месинџер. Преферирам да не испраќам преку пораки податоци оти со матичен може некој да има пристап до многу мои лични работи. Да се одржува сајбер хигиена е многу важно, бидејќи ако некој влезе во твојот телефон и во компјутер, тоа е како да те ограбил“, смета Ристески.

Професорот Иван Чорбев вели дека сајбер хигиена не значи само заштита, туку опфаќа и попедантно однесување со дигиталните податоци кои ги имаме на нашите компјутери.

„Бекапот е дел од сајбер хигиената. Ако чувате сè на лаптоп, ако се стркала по скали ако се оштети некој диск, ќе изгубите сè. Затоа бекапот е важен, не само ако ви го хакираат лаптопот, туку, едноставно да не ги изгубите работите. Друг аспект е добро да се одржува компјутерот, да се инсталираат апдејти, оти хакерите откриваат дупки на софтверот и производителите на софтверот испраќаат нови верзии. Добра пракса е редовно да се ажурира системот, не само на самиот оперативен систем, туку и на сите апликации инсталирани на оперативниот систем“, советува Чорбев.

Друг предизивик исто така е и невнимателно инсталирање апликации на самите уреди.

„Не треба сите игри да ги симнете од Плејстор. Внимателно читајте што инсталирате. Уште полошо е на Виндоус, ако се користи пиратски софтвер, многу е голема веројатноста дека тој симнат софтвер може да ви наштети. И секое УСБ може да е опасно. Потребно е внимателно да се скенира со антивирусен софтвер пред било што да направите со тоа УСБ. Ризиците се многубројни и во денешно време се сè пострашни, оти ние комплетниот живот го мигрираме онлајн. Порано само читавме вести онлајн, сега веќе купуваме онлајн, сметки плаќаме онлајн, банкарските сметки ги менаџираме онлајн, онлајн закажуваме летови, хотели, термини лекарски. Сè е онлајн и ризиците се неколкукратно зголемени од порано. Евентуален безбедносен упад би имал страшни последици“, предупреди тој.

Ниедна компанија нема преку мејл да ви бара лозинки

Во однос на тоа, како младите но и повозрасните да идентификуваат и да се заштитат од фишинг напади, професорот Чорбев кажа дека во последно време тие мејлови не се ограничени само на е-мејл пораки туку и се испраќаат и како смс пораки.

„Пораката изгледа дека ви е испратена од пријател од доверба, или пак, личи на оригинална компанија, но всушност се испратени од фишинг мејл. На пример, се случува пораки од Телеком, Водовод, да се испратени од лажна е-адреса. Битно е внимателно да погледнете кој точно е испраќач на пораката, дали мејлот е на пример security1234@google.com. Aко се работи за таков рандом е-акаунт кој не наликува на официјален мејл, тогаш бидете внимателни. Друг пример, може на пример УЈП да би испрати мејл, а всушност да се работи за фишинг. Мора да се внимава, да се види дали е тоа URL од реалната компанија. Треба да знаете дека компании не би барале од вас да им испратите лозинка, или да направите работи кои се нелогични“, вели Чорбев.

Професорката Милева сподели искуства на нејзини колеги, но и на студенти кои имале проблем со безбедност на Интернет.

„Имаше ситуација во која колега го дал својт телефон на децата да си играат, па тие симнале тројанец малвер, кој ве регистрира на премиум страни и каде секоја порака чини 100 денари. За кратко време му потрошиле 10 илјади денари за смс пораки, а самите мобилни оператори не преземаат ништо додека не се надмине некој лимит, ете на пример, од 10 илјади денари. Значи вие може да трошите пари, а да не знаете што во позадина се случува. Кај студенти, пак, се случува да има крадење на идентитет на социјални мрежи“, вели професорката Милева.

Едукација и вложување во безбедна инфраструктурна мрежа

На прашањето, како да се зголеми безбедноста на Интернет, професорот Ќорбев одговори дека е потребно компаниите да агажираат експерти од областа.

„Треба да се постави безбедна мрежа и апликации и второ, потребно е да се обучат вработените. Еден систем е безбеден колку што е безбедна и најслабата карика во системот. Потребни се влогови во комплетна безбедна инсфраструктурна мрежа. Човекот најчесто е најслабата карика во безбедноста на системот, па затоа се корисни вебинари од овој тип и онлајн курсеви, кои секој вработен ќе треба да ги помине за да се обучи, оти никој не се родил учен, а работите често се менуваат“, смета професорот.

Едукација во училиштата е неопходна 

И тој и Милева се согласија дека потребно е децата уште од мала возраст да се едуцираат во училиштата за сајбер безбедност и сајбер хигиена.

„Треба да се укажува уште од мала возраст за безбедноста. Децата снимаат видеа на ТикТок, а родителите го дозволуваат тоа зашто другарчињата го прават истото и не сакаат да го скратат онлајн животот на децата. Но, треба да се свесни што може да им се случува. Добро е во прва година на сите неинформатички факултети да има предмет за основни дигитални вештини, меѓу кои ќе се зборува и за сајбер хигиената. Во средно и основно исто така има потреба од вакво нешто, но да не биде пристапот „лекцијашки“, туку професорите да најдат начин како да им ја доближат оваа содржина на децата, да им покажат што би изгубиле ако не внимаваат и слично. Повеќето родители не можат да се борат со навиките на децата и оставаат тоа да тече само така, а тоа е погрешно“, децидна е Милева.

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн
Професорот Иван Чорбев
Професорот Чорбев кажа дека како што се учат децата на основна хигиена во градинките, така е потребно и знаењата и вештините за сајбер хигиена да влезат во редовнните наставни програми во образованието.

„За неа може да се учи на класен час, на предавањата по информатика, а во исто време да се организираат и дополнителни кампањи. Македонија доби проект од ЕУ за подигање на свесноста за сајбер безбедноста за децата онлајн, за побезбеден интернет, како да ги заштитиме од сајбер булинг, сајбер напади и други форми на сајбер малтретирање. На краток рок ќе има обуки за раст на свесноста во самите училишта, а на долг рок ќе се развијат едукативни содржини, кои после ќе си го најдат местото во редовната настава. Како што е важно децата да знаат дека со нечисти раце се пренесуваат вируси, истото треба да знаат дека ќе се случи ако невнимателно отвараат атачменти на мејлови кои ќе ги добијат“, вели Чорбев.

Учесниците на вебинарот се согласни дека сајбер безбедноста е скапа работа.

„Државните фирми и институции имаат застарена мрежна опрема. Кај нив нема слух, тие не издвојуваат повеќе пари за инвестиции во сајбер безбедноста, а им се случуваат напади. Последен беше случајот со ФЗО, кога  имаа проблем со бекап на податоци, нешто што во светот не се случува. Владата треба да е посвесна за опасностите и да почнат да инвестираат пари во стручен кадар, а не да се води политиката дека секој сè може да работи. Ако сакате да имате добра безбедност, мора да имате лица кои се експерти во областа“, заклучи професорката Милева.

Овој вебинар е организиран од Здружението за унапредување на медиумските практики „Иновативни медиуми“, со поддршка на регионалниот проект СМАРТ БАЛКАН – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институт за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

поточиња 2024

Поточиња викендов седум пати ја наполнија Филхармонија

Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен …