Во тек е генерирање и испорака на решенија преку порталот „е-услуги“ на над 9.500 студенти кои ги исполниле условите и го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк во рамки на вториот рок од повикот за аплицирање, информираше Министерството за образование и наука (МОН).
Процесот на испорака на решенијата на студентите се очекува да биде завршен денес.
Како што соопштија од МОН, одбиени се вкупно 545 апликации поради неисполнување на условите, додека 356 апликации подлежат на дополнителна проверка преку високообразовните установи околу статусот редовен студент на апликантите.
Во моментов, вкупниот број на студенти кои го користат правото на субвенциониран студентски оброк е 27.234.
МОН потсетува и дека до крајот на денешниот ден е отворена можноста да се аплицира за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за оние студенти кои ги исполнуваат условите согласно законот, но не успеале да се пријават или да го остварат ова право во првиот или вториот рок.
Оваа можност, односно нови повици ќе бидат отворани секој нареден месец и тоа до 20-ти, 30-ти или 31-ви во месецот.
Пријавувањето за студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, со прикачување на само два документа – пријава и изјава за точност на податоци, а се наведуваат и податоци за лична трансакциска сметка.
Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое студентите добиваат по 2.400 денари во текот на 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни универзитети кои се државјани на Република Северна Македонија и кои не се во редовен работен однос, односно не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по било кој основ поголем од минималната плата.
Извор: МЕТА