Шеќерна болест дијабет

Повеќе од пет месеци болните од дијабет без ленти за мерење шеќер, се чека тендерот

Повеќе од пет месеци болните од дијабет кои примаат инсулинска терапија, од Министерството за здравство немаат добиено ленти за мерење на шеќерот во крвта. До нашата редакција се пожалија читатели, кои велат дека мораат лентите да си ги набавуваат сами, од аптека и да ги плаќаат приватно, а со оглед на тоа што трошат по најмалку три ленти дневно, овој трошок, кој треба да го покрива државата, им е значително висок.

И од Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија велат дека тешко се функционира без лентите за мерење шеќер во крвта. Од таму велат дека успеале да најдат мала донација и да купат ленти за поризичните болни, но дека тоа не го решава проблемот во целост.

Од Министерството за здравство пак, за Мета.мк кратко одговорија дека „постапката за јавна набавка на ленти и игли за мерење гликемија е во финална фаза, дека во моментот се врши евалуација на понудите, по што ќе следи нивна дистрибуција“.

„Лентите ни се важни исто колку и инсулинот“

Димче Велев, претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија, вели дека однесувањето на власта е неодговорно, бидејќи речиси половина година болните од дијабет немаат ленти за мерење шеќер во крвта.

„Лентите се вклучително важни за менаџирање на дијабетот, исто колку што е инсулинот. Кога немаме ленти, не можеме да знаеме каква ни е состојбата со шеќерот, не знаеме колку да ставиме или да скратиме со инсулин или со друга терапија. Освен тоа, лентите ни се важни бидејќи покачувањето на шеќерот може да влијае врз евентуалните компликации. Без ленти, особено лицата болни од дијабет тип 1, дефакто тешко функционираме. Најдовме мала донација, 360 апарати со ленти за 3 месеци и ги поделивме низ Македонија на членовите со висок ризик“, изјави Велев.

Секој пациент со дијабет кој е на инсулинска терапија, добива една кутија со 80 ленти за мерење гликоза, за 2 месеца. Ова, според пациентите, ни оддалеку не ги задоволува реалните потреби, бидејќи често со трошат од две до три ленти дневно.

„Зависи од болеста, колку ќе трае една кутија. Лицата со тип еден треба најмалку 3-4 пати дневно да го мерат шеќерот“, вели Велев.

Во аптеките пак, според нашите проверки, кутија со 50 ленти за гликоза во просек чини околу 700 денари, што значи дека од семејниот буџет болните од дијабет даваат по 1400 денари месечно, за нешто што треба да го покрива државата.

Тендерот за инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, бил распишан во 2020 година, за период од две години и истиот завршил во декември 2022 година.

Новиот тендер, за периодот јануари 2023 – декември 2024 година, според податоците од Бирото за јавни набавки, е објавен во април 2023 година, односно четири месеци по завршувањето на претходниот тендер. Крајниот рок за доставување понуди, како што може да се види од податоците на електронскиот систем за јавни набавки, бил 4 мај годинава.

Инаку, според последните податоци, во земјава околу 130.000 лица имаат дијабетес, а бројката постојано е во пораст.

Кога требаше да биде распишан тендерот за ленти за гликоза, министер за здравство беше Беким Сали, а по владината реконструкција, кон крајот на февруари, функцијата ја презеде Фатмир Меџити.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Сдсм знаме

СДСМ не прифаќа уцени од било кого, нема тргување со иднината на државата

Соопштение за јавност на СДСМ Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која …