Северодоњецк уништен руско гранатирање

Повеќе од половина од домовите во Северодоњецк се целосно уништени од руското гранатирање

Жестоките борби и гранатирања во Донбас продолжуваат. Украинските власти тврдат дека од руските напади на градот Северодоњецк целосно се уништени 60 отсто од домовите, а дури 90 отсто од зградите во ова населено место со околу 100.000 жители се оштетени и ќе им биде потребна значителна поправка, јавува Би-би-си.

Стравувањата се дека Русија подготвува тактика по примерот на Мариупол за градовите од Донецкиот и Луганскиот регион. Најмалку 1.500 лица биле убиени во Северодоњецк, додека во градот се останати меѓу 12.000 и 13.000 граѓани. Нападите се постојани, а градоначалникот на Северодоњецк испрати предупредување до жителите дека екстремно е опасно да се евакуираат надвор од градот во моментов.

Укринформ јавува дека најмалку пет лица загинале во гранатирањето на населени места во Луганскиот регион. Руските сили започнале офанзива и за освојување на градот Словјанск во Донецкиот регион, а се обидуваат да го стават под контрола и градот Луман.

Украинските власти информираат дека Русија се обидува да доведе дополнителни сили од полуостровот Крим во јужните делови на Украина, јавува Укринформ. Воздушните напади продолжуваат и во другите украински региони, при што во бомбардирањата погоден е градот Днипро, но нема информации за погодените објекти и жртви.

Руските сили вчера извршија гранатирање и на градот Харкив, во којшто животот го загубија најмалку девет лица, пренесува Би-би-си. Градските власти на Харкив соопштија дека метро станиците ќе можат да бидат користени како засолништа од страна на граѓаните и во наредниот период, со цел да се избегнат цивилни жртви од руските напади.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Светските лидери го осудија големиот ирански напад врз Израел, а многу Иранци се загрижени дека …