Избори

Пратеници, градоначалници, фирми, граѓани – Кој колку пари донирал за кампањата на претседателските кандидати?

Според нашата анализа, најмногу донации за изборната кампања имала Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, додека најмалку имал Стево Пендаровски, поддржан од коалицијата предводена од СДСМ

Некој по 500 денари, некој по 100.000 денари, а некој по 300.000 денари. Донации за кампањите за претседателските избори пристигнувале од пратеници, градоначалници, членови на партии или пак преку сметките на партиите – парите се слевале на трансакциските сметки предвидени за изборната кампања.

Мета.мк ги разгледа двата извештаја што ги поднеле седуммината кандидати за претседатели до Државниот завод за ревизија (ДЗР) – првиот кој се поднесува 11 дена од почетокот на кампањата, а вториот по 20-от ден од кампањата. Некои од кандидатите поднесувале и празни извештаи, а по завршувањето на изборите, претседателските кандидати се должни да ги поднесат и конечните детални финансиски извештаи за тоа колку пари потрошиле за кампањите што ги воделе.

Според нашата анализа, најмногу донации за изборната кампања имала Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, додека најмалку имал Стево Пендаровски, поддржан од коалицијата предводена од СДСМ.

Пратеници, градоначалници, фирми, граѓани – Кој колку пари донирал за кампањата на претседателските кандидати?

Најдетални извештаи има поднесено Максим Димитриевски, кандидатот на „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“, каде освен донациите, прикажал и колку пари потрошил за реклами на портали, телевизии, радија и билборди. За неговата кампања донирале петнаесетина физички лица – околу 750.000 денари или 12 илјади евра, а самиот Димитриевски донирал 20.000 денари.

За платено политичко рекламирање Димитриевски потрошил 6.692.676 денари (околу 108 илјади евра). Тука спаѓаат емитувања преку радио, телевизија и реклами на интернет порталите. За реклами на социјалните мрежи, пак, на Фејсбук и на Инстаграм, Димитриевски потрошил 86.520 денари (околу 1.400 евра).

Приходите од кампањата на Димитриевски, според двата извештаја, изнесуваат 121 илјади евра.

Првиот извештај за исплатени средства на трансакциската сметка за изборна кампања на Стево Пендаровски доставен до Државниот завод за ревизија е празен, односно содржи само печат и потпис.

Според вториот извештај, поднесен на 23 април годинава, три физички лица донирале за изборната кампања на Пендаровски – по 50 евра, 100 евра и едно лице околу 350 евра, со што вкупниот број донации од физички лица изнесува 31.912 денари или околу 520 евра.

За кампањата на Пендаровски има донирано и една фирма, КАН Куманово – 115.000 денари, со што вкупните приходи од донации за кампањата изнесуваат 146.917 денари или околу 2.400 евра.

Кандидатката за претседателка, Билјана Ванковска, поддржана од партијата „Левица“ имала приходи од донации од 1.093.995 денари (речиси 18 илјади евра) од 31 лице. Самата Ванковска на сметката за својата кампања донирала 184.300 денари. Пратениците од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов донирале по 153.250 денари. Генералната секретарка на Левица, Јована Мојсоска, пак, од својот буџет одвоила 61.200 денари за изборната кампања на Ванковска.

Прилично богата е донаторската сметка на кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, за која, од сметката на ВМРО-ДПМНЕ биле префрлени пари на изборната сметка од дури 526 физички лица со што биле собрани 19.950.000 денари или над 325 илјади евра.

За кампањата на Силјановска Давкова донирала пратеничката Ане Лашкоска – 150.000 денари, Соња Тарчуловска – 200.000 денари, пратеничката Дафина Стојаноска – 44.000 денари, Рашела Мизрахи – 100.000 денари, а една од најголемите суми ги има уплатено Александар Николоски – 360.000 денари. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски донирал 100.000 денари, додека градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски – 200.000 денари.

Вториот извештај кој Силјановска Давкова го поднела е празен, со тврдење дека во вторите десет дена од кампањата немало донации.

Прилично празни се и извештаите на кандидатот Бујар Османи од „Европскиот фронт“ предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ), кој за првите 10 дена од кампањата има поднесено празен извештај, додека за вторите 10 дена е наведено дека фирмата ТДК Хак комерц донирала 185.000 денари, а преку партиската сметка на ДУИ се префрлени 4.100.000 денари, без да се наведат физичките лица кои донирале. Според ова, донациите на трансакциските сметки за изборната кампања на Османи изнесуваат околу 69 илјади евра.

Кандидатот на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари на трансакциската сметка за изборна кампања си донирал 183.000 денари. Од партијата „Алтернатива“ биле префрлени донации од физички лица на трансакциската сметка за изборната кампања во вредност од 600.000 денари во еден наврат, а 1.800.000 денари во вториот наврат. Од Алијанса за Албанците, пак, биле префрлени 250.000 денари. Што се однесува до физичките лица, на трансакциската сметка за изборната кампања легнале донации од пет лица, кои изнесуваат 521.900 денари. Според ова, вкупниот број донации за претседателската кампања, според двата извештаја, изнесуваат 3.354.900 денари или околу 55 илјади евра.

За реклама и пропаганда, според двата извештаја, Таравари потрошил 1.414.987 денари (околу 23 илјади евра), а вкупните приходи од изборната кампања изнесуваат над 700.000 евра.

За кампањата на Стевчо Јакимовски, кандидатот на Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), донирале дваесетина луѓе, а самиот си донирал 150.000 денари. Добрила Андоновска, потпретседателка на ГРОМ донирала 100.000, а сумите на останатите лица кои донирале изнесуваат по 30.000 или по 60.000 денари. Вкупниот број на донации на изборната сметка на Јакимовски, според двата извештаја, изнесуваат 986.000 денари или околу 16 илјади евра.

Конечните извештаи, за вкупните трошења на изборните кандидати во првиот круг на парламентарните избори треба да бидат објавени на веб-страницата на ДИК.

Надвор од донациите што легнуваат на сметките на кандидатите, Државната изборна комисија пресмета дека поради паралелните избори, за платено политичко рекламирање ќе биде потребна рекордна сума од државниот буџет – 10,6 милиони евра. Како што пресмета „Призма“, околу 25 отсто, или максимум 2,7 милиони евра, ќе може да се распределат меѓу порталите што се пријавиле во ДИК и 11-те печатени медиуми.

Еден портал, од еден учесник на изборите може да добие реклами во вредност од најмногу 15.000 евра. Преостанатите 75 отсто од сумата што ја пресмета ДИК ќе се исплаќаат за рекламирање на 37-те телевизии и на 35-те радија што се пријавиле во регистарот за платено политичко рекламирање.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Како порталот Спутник, гласноговорник на Кремљ, известуваше за македонските избори?

Два лајт мотива беа содржани во најголемиот дел од анализите и текстовите за изборите во …