Војска

ВИСТИНОМЕР:Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја пренесе ниту еден сериозен светски медиум

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја пренесе ниту еден сериозен светски медиум, тоа го сторија главно руските и тоа не најсилните како ТАСС и РИА, туку „второлигаши“, а кај нас веројатно е преземена од некој од српските сајтови. Нема логика во тврдењето дека третиот пешадиски полк на Француската легија на странци бил испратен во Украина, со оглед на тоа што овој полк уште од 1973 г. е стациониран во Француска Гвајана, каде што го обезбедува тамошниот космодром и патролира низ џунглите, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме во целост:

 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук е споделен напис со провокативен наслов:

Првите француски војници пристигнаа во Украина

Насловот е срочен како да станува збор за докажан факт, но во содржинскиот дел на написот нема докази за ваквите наводи, всушност, се работи за пренесена вест од некаков опскурен Телеграм канал:

Првите 100 борци на Француската легија на странци се префрлени во Славјанск, во Доњецката Народна Република, објави телеграм каналот „Воена хроника“.

Токму ваквото тврдење стои и во описот на самата објава на Фејсбук.

Називот на каналот е нафрлен без опис, како да е некоја позната агенција (Reuters, на пример) за која не е потребен опис. Но, изворот е сомнителен, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Кој стои зад него, од каде е, какви погледи застапува?

Во текстот споделен во објавата што ја рецензираме, нема линк до телеграм каналот „Воена хроника“ којшто e цитиран. Идентичен текст има на повеќе српски сајтови, од кои добар дел се некредибилни, затоа што кај нив доста лесно поминуваат лажните вести пласирани од Русија.

Исто така, има нешто што не е објаснето во текстот што се споделува на Фејсбук. Иако т.н. ДНР го смета Славјанск за своj град, таа нема контрола над него, инаку француски трупи не би можеле да дојдат во него.

Оваа вест не ја пренесе ни еден сериозен светски медиум, тоа го сторија главно оние руските и тоа не најсилните како ТАСС и РИА, туку „второлигаши“ како Российская газетаМосковский комсомольецАргументы и факты и Регнум, а и нешто попознатите државни пропагандни руски медиуми како Спутник и Russia Today. Но. ни тие не ја поткрепија веста со докази, туку се повикаа на истот Телеграм канал. Некои од нив барем приложија линк до изворната сторија, но тој води до неидентификувана локација, со содржини достапни само за привилегирани корисници.

Од руските медиуми дознаваме дека оригиналниот назив на каналот е „Военная хроника“, но во Телеграм ги има неколку со тој назив.Тие автори се присутни и во руската социјална мрежа Вконтакте, а еден од нив таму ја објавил веста, која сега ја анализираме. На ВКонтакте написот го споделила и Russia Today.

Но, нивниот напис не кажува нешто повеќе од она што веќе го чувме. И уште повеќе авторот се повикува на „Военная хроника“, а тој самиот пишува под тој назив. Дали тој се наведува како извор самиот себеси или мисли на некој друг автор кој објавува под ист назив? Ова е несериозно, а некои укажуваат и на една друга нелогичност, која рецензираниот напис, исто така, ја пренесе:

Како што е наведено, претставници на третиот пешадиски полк на Француската легија на странци пристигнале во четвртокот

Третиот пешадиски полк (фр. 3ᵉ régiment étranger d’infanterie, кратенка: le 3ᵉ REI) е уште од 1973 г. стациониран во Француска Гвајана, каде што го обезбедува тамошниот космодром и патролира низ џунглите, за што е особено обучен, па токму затоа нема логика во тврдењето дека овој полк бил „испратен во Украина“.

Инаку, лесно може да дојде до збрка меѓу Француската легија и Интернационалната легија на Украина, во која служат странски доброволци, па и Французи. Такви забуни има и во руските медиуми, па најпрвин тие јавија дека во Славјанск дошле француски трупи, за на 15.4.2024 г. да тврдат дека Русите таму ги елиминирале француските „наемници“ (назив кој Русите го користат за доброволците).

Иако Русија нема контрола над Славјанск, таа го смета за свој, па доаѓање на француски трупи во него за неа би бил акт на агресија и би предизвикал експресна жестока реакција од Русија, а такво нешто немаше. Што укажува на тоа дека Русија не констатирала нивно присуство. Таа тврдеше дека открила план за нивно доаѓање, но тоа не го поткрепи со уверливи докази.

Русија веќе 10 години шири дезинформации дека Украинците распнувале деца, дека праќале гулаби да шират зарази, дека биле терористи, дека Русија се бори против НАТО, дека на Крим немало руска инвазија и дека Путин не планирал и сеопфатна офанзива, туку само маневри.

Земајќи ги предвид сите факти, објавата ја оценуваме како невистинита.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Сем Пауер: Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано

Д-р Сем Пауер: Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано

Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано, можете да поставите брани, но тие ќе …