Пратениците дадоа согласност за членство на Финска и Шведска во НАТО

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше на 82-та собраниска седница на која што беа усвоени Предлог-законите за ратификација на Протоколите кон Северно-атлантскиот договор во врска со пристапувањето на Република Финска и на Кралството Шведска, кои Владата претходно ги достави до Собранието.
Премиерот Ковачевски и членовите на Владата отворено ја поддржаа иницијативата на Кралството Шведска и Република Финска за членство во НАТО и уште во мај беше дадена согласност за нивни прием за полноправни членки во Северноатлантската Алијанса.
Протоколите кон Северноатлантскиот договор во врска со пристапувањето на двете скандинавски држави беа потпишани во Брисел на 5 јули годинава од овластени претставници на државите членки на НАТО.
Следствено, Владата ги пушти во собраниска процедура законските предлози со чие прифаќање од страна на пратениците на Република Северна Македонија се дава зелено светло за понатамошните процедури на Шведска и Финска во рамките на НАТО.
Со овој чин Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата стратешка определба за целосна поддршка за политиката на отворени врати на НАТО и неговото проширување.
Зачленувањето на Кралството Шведска и на Република Финска во Северноатлантската Алијанса е мошне важен чекор за зајакнување на мирот, безбедноста и стабилноста во Европа, имајќи ја предвид агресијата на Руската Федерација кон Украина.

Прочитајте повеќе

Дизелот поскапува за 2 денара, бензините остануваат со истата цена

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕВУ) донесе одлука за …