Празник... хуманоста и солидарноста не живеат овде

Празник… хуманоста и солидарноста не живеат овде

Пишува: Зоран Милошески

Со сиот ризик да ми фрлат анатема и да ме осудат на клада, денешниот слободен простор помеѓу вчерашните јајца и утрешните икони, ќе го искористам да кажам збор-два за црквата, за нејзиниот но и нашиот однос кон празникот над празниците, Велигден.

Според моето поимање на религијата, кога е Бог во прашање – има нешто. Ама кога се работи за МПЦ-ОА, владиците од синодот и свештените лица, со ретки исклучоци – нема ништо. Освен џипови.

Во предвечерието на празникот кој ја слави победата на животот над смртта, уште еднаш се уверивме дека нашите црковни веледостоинственици не се одважија да се издигнат над својата себичност и во ова време на тешко живеење да им помогнат на верниците кои живеат на прагот на егзистенцијата.

Наместо тоа, наместо за човекољубието и емпатијата, и за овој Велигден, исто како и за сите останати празници, Агатангел, Петар и останатите нивни сомисленици од Синодот ќе држат политички говори, ширејќи ја пропагандата на нивниот омилен партиски субјект.

А за нашиот, граѓанскиот однос кон празникот и верата, за меѓусебното почитување и помагање, одвишно е и да се зборува. Појдете на пазар, влезете во маркетите. Видете ги предпразничните цени на земјоделските производи, на јагнешкото месо, јајцата…и се’ ќе ви биде јасно.

Лицемерие и силен внатрешен порив за ситно профитерство. Хуманоста и солидарноста одамна не живеат овде.

За љубовта и за верата ниту се бара, ниту се нуди доказ. Нив, или ги имаш и ги носиш во себе, или воопшто ги немаш. Трето – нема!

Во секој случај, Господ да ни е на помош. Ама, ни тој не е семоќен.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …