Пред мугрите на изборите кои никој не ги сака...

Пред мугрите на изборите кои никој не ги сака…

Пишува: Зоран Милошески

Надежта дека еден ден сепак ќе нѐ биде, последна умира. Колку само возови и шанси испуштивме во независниве и суверени 27 години, не е ни за споменување. Чекавме да почнат и завршат неброени конгреси, самити, конференции, билатерални и мултилатерални средби. Пречекувавме и испраќавме регионални, европски и светски лидери… И така, доаѓаа и заминуваа настани и луѓе. Чекајќи го подоброто утре останавме на родната грутка, секој нов ден во сѐ помал број.

Станавме држава во која времето го сметаме според бројот на неуспеси, а годините по изборните циклуси. Систематски и по книга, оние кои дебело профитираа пропагирајќи политиканство, фиктивен патриотизам и реален криминал, нѐ претворија во непоправливи зависници од политичкото секојдневие. И додека ние простосмртните се занимаваме со “висока“ политика, заради која успеавме со роднините и пријателите да се замразивме две колена наназад и три нанапред, тие, смеејќи ни се в’лице, се нафатираа и финансиски ги обезбедија и своите неродени внуци.

Кај горенаведените не треба да се бара ниту идеологија, ниту политичка припадност, оти тие секогаш ја следат само и единствено трагата на парите. Затоа референдумот помина така како што помина. Затоа сме сиромашни како манастирски глувци. Затоа сме заглавени во просторот и времето, со сѐ помалку надеж дека и нас, како и сите граѓани кои живеат во нормални држави, еден ден ќе нѐ огрее сонцето.

Нашата Македонија одамна е имитација на држава, општество на изместени критериуми и лажни пророци. Со неедуциран народ кој не сака да чита, ама сака да биде уценуван, лажен и краден. Впрочем, 11 годишното континуирано владеење на злосторничкото здружение, го потврдува кажаното. Да не беше така, да имавме повисока демократска свест, правна држава, професионално обвинителство и непристрасно судство, Грујо и неговата банда денес ќе беа во затвор, ВМРО-ДПМНЕ ќе беше исчистено од криминалните структури, а Заев ќе имаше тим од врвни и чесни професионалци кои ќе работеа во интерес на граѓаните и државата.

Меѓутоа, отсуството на наведеното ни ја зготви оваа каша: груевци се кочоперат како народни херои, Мицкоски и друштвото функционираат како кризен штаб за зачувување на слободата на нивните налогодавачи, граѓаните изгубија верба дека ќе ја дочекаат ветената правда, а аздисаните функционери на власта не престануваат да го девалвираат она што Заев и граѓаните во изминатите години го правеа рушејќи го режимот и воспоставувајќи ново, поправедно и поправично општество.

И затоа сме таму кај што сме: раскарани, поделени и штотуку излезени од референдумското изјаснување. Само за момент земаме здив за нова изборна трка која никој не ја посакува, а за која сите се спремаат.

Сепак, постои надеж дека до неа нема да дојде и дека работата ќе се заврши во народното Собрание. Тоа што едните веќе формираа изборен штаб а другите тврдат дека барањата на политичкиот противник се целосно неприфатливи, не мора ништо да значи. Бидејќи, не треба да го изумиме фактот дека живееме во држава во која апсурдот е дел од нашиот “фолклор“ и во која само едно нешто е сигурно – дека ништо не е сигурно!

Од тие причини, не треба да се избрзува со оцените дека предвремените парламентарни избори се неизбежни. Следните неколку денови ќе покажат дали разговорите со опозициските пратеници ќе дадат резултат. Притоа, треба да се биде објективен и да се каже дека единствениот начин да се убедат да го притиснат зеленото копче, е со нив да се разговара на единствениот јазик кој тие го разбираат. Оној на кој пред 12 години ги научи нивниот “духовен татко“, за чиј спас од одење во затвор, всушност, Мицкоски и друштвото го прават целиот овој циркус. Оти, според нивното поимање на терминот “патриотизам“, поткрепен со меници и други (не)материјални “аргументи“, Македонија може и да пропадне, ама Грујо во апсана – не смее да падне!

А ќе падне!!!

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …