Премиерот Ковачевски: Компаниите ги препознаваат придобивките од „Отворен Балкан“

Премиерот Ковачевски: Компаниите ги препознаваат придобивките од „Отворен Балкан“

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска се обрати на отворањето на тркалезната маса на тема „Економска интеграција на Северна Македонија во рамки на Западен Балкан и перцепцијата на извозно ориентираните компании за иницијативата Отворен Балкан“.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање на настанот, на кој беа презентирани резултатите од истражувањето „Перцепцијата на извозно ориентираните компании во Северна Македонија за Иницијативата Отворен Балкан“, што го реализираа тинк-тенк организацијата Аналитика и Фондацијата Отворено Општество Македонија, истакна дека анализата нуди сеопфатна слика за состојбата на регионалната соработка во регионот од аспект на четирите слободи и тоа – слободно движење на стоки, услуги, лица и капитал, што ги мапира клучните чинители за зајакнување на соработката во рамки на „Отворен Балкан“.

„Истражувањето на Аналитика и Фондацијата Отворено Општество Македонија потврдува дека компаниите имаат позитивно мислење за иницијативата за соработка Отворен Балкан. Гледаат на оваа иницијатива како нова можност за подобрување на работењето на нивните компании“, нагласи премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека овој извештај веднаш ќе го сподели со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија Еди Рама, како одличен податлив инпут за претстојниот Самит на Отворен Балкан кој ќе се одржи во Охрид пролетва.

Во таа насока претседателот на Владата Ковачевски укажа на вредноста на првите договори и меморандуми што беа потпишани во Тирана во декември 2021 година: Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан и Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан.

„Со овие договори, рече Ковачевски, им овозможуваме на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на трите земји преку креирање електронска идентификација „Отворен Балкан“ со што започнува остварувањето на можноста за олеснет и непречен пристап до пазарот на труд во трите земји“.

„Иницијативата „Отворен Балкан“ отвори можности за поврзување и за окрупнување пазар до кој имаат пристап сите во регионот. Ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни, посилни и уште повеќе подготвени за натамошен развој. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме“, потенцираше Ковачевски и дополни дека на „Отворен Балкан“ треба да се гледа како на нешто што е вообичаена и нормална пракса во ЕУ врз основа на заедничкиот договор на нејзините земји членки.

Премиерот Ковачевски истакна дека „Отворен Балкан“ не е замена за ЕУ туку засилувач на европската идеја на Балканот и катализатор на регионалната соработка според европски стандарди, и како таков е за доброто на целиот регион, за сите земји од Западен Балкан.

„Сите останати земји од регионот имаат отворена, јавна, директна и недвосмислена покана да се придружат. Ги охрабруваме сите од Западен Балкан заедно да придонесеме да имаме економски развиен регион, без пречки, без ограничувања, прилагоден целосно на потребите на нашите народи“, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски во обраќањето на тркалезната маса на тема „Економска интеграција на Северна Македонија во рамки на Западен Балкан и перцепцијата на извозно ориентираните компании за иницијативата Отворен Балкан“ во организација на тинк-тенк организацијата Аналитика и Фондацијата Отворено Општество Македонија.

Во завршницата тој укажа дека ова истражување покажува дека „Отворен Балкан“ е на вистинската патека и дека податоците од него помагаат препораките да бидат преточени во конкретни акции, планови и резултати.

Прочитајте повеќе

Кратење на 130 институции и отпуштања во администрацијата?

Кратење на 130 институции и отпуштања во администрацијата?

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да укине над 130 државни институции за да го исполни …