Премиерот Ковачевски со честитка по повод Божиќ до верниците на Католичката црква

Премиерот Ковачевски со честитка по повод Божиќ до верниците на Католичката црква

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски упати писмо со честитки до д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх, по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ кој денеска го прославуваат верниците на Католичката црква.

Во писмото и до сите верници на Католичката црква во нашата земја, премиерот Ковачевски пишува дека Божиќ е еден од најсветлите празници, кој носи нов живот, нова надеж за подобро утре за секој човек, за секое семејство и за секој дом.

„Големиот Христијански празник-Христовото раѓање, Божиќ е симбол на сплотеност, заедништво, љубов и раѓање на нова надеж. Токму овој празник треба да нè потсети на семејните вредности, на солидарноста и љубовта кон ближниот. Овој голем празник е симбол и на тоа дека сите предизвици во животот треба да се обидеме да ги надминеме со добра волја, трпение, разбирање и подавање рака на ближниот.

Во изминатата година ги надминавме поголемите потешкотии кои ни ги наметна корона кризата, но се соочивме со енергетско-економска криза. Во духот на христијанските вредности, се надевам дека и овој предизвик ќе успееме да го пребродиме во наредниот период и од тоа ќе излеземе посилни, помудри и уште поподготвени да се справуваме и со нови предизвици. А за да го постигнеме тоа, потребно е заедништво, сплотеност и взаемна поддршка без која ништо не е невозможно и се е остварливо.

Само на тој начин ќе успееме да ги надминеме и најтешките искушенија. Во духот на овој голем христијански празник, би сакал сите да се потсетиме на основните христијански вредности-да подадеме рака секому кому му е потребна помош, да даруваме безусловна љубов и да не заборавиме да правиме добри дела. Создавајќи заеднички вредности за нас и за нашите деца, ќе покажеме дека само обединети и сплотени можеме да одиме напред.

Вам и на сите припадници на Католичката црква, како и на сите христијани коишто го слават Христовото раѓање според Грегоријанскиот календар, ви посакувам среќни празници.

Христос се роди! Среќен Божиќ!“

Прочитајте повеќе

Пендаровски и Џафери со честитки

Пендаровски и Џафери со честитки по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот

Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, …