(АУДИО и ВИДЕО) Претседателот Пендаровски одликува 13 истакнати дејци од областа на македонската народна музика со Медал за заслуги

(АУДИО и ВИДЕО) Претседателот Пендаровски одликува 13 истакнати дејци од областа на македонската народна музика со Медал за заслуги

Претседателот Стево Пендаровски, на свечена церемонија во Филхармонија, во пресрет на 11 Октомври, Денот на народното востание, ги одликува Анка Гиева и Виолета Томовска, и постхумно Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Мирвет Беловска, Ајри Демировски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Кирил Манчевски, Тале Огненовски, Кочо Петровски, Александар Сариевски и Јонче Христовски со Медал за заслуги за Република Северна Македонија.

Одликувањето се доделува за нивниот најголем придонес во негувањето, популаризацијата и во зачувувањето на македонската народна и изворна песна, како и за промоција и за афирмација на македонското музичко творештво и на културата во интернационални рамки.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека одликуваните уметници ги посветија своите животи на промовирање на народното творештво како суштински елемент на македонскиот идентитет. Преку нивниот неповторлив инструментален и вокален талент, рече претседателот Пендаровски, овие врвни народни уметници ја претставија нашата изворна музика пред македонската и светската јавност на маестрален начин.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Пред малку чувме една од првите песни што биле напишани и испеани за време на народноослободителната и антифашистичка борба. Нашата државна химна „Денес над Македонија се раѓа“, авторско дело на Владо Малески, била една од најпопуларните партизански песни што го обединувале народот во борбата за национална слобода и социјална правда.

Во предвечерјето на 11 Октомври – Денот на народното востание, со Медал за заслуги за Република Северна Македонија им оддаваме почит на дел од нашите врвни уметници кои создаваа и интерпретираа песни за животот на нашиот човек низ вековите и неговата борба за слобода и човечки правдини.

Имаме многу причини да им бидеме благодарни на нашите легенди, но, денес, од нив, ќе издвојам само две. Прво, народното творештво е централната точка на македонскиот идентитет. Создавањето и пренесувањето на народните песни е најзначајниот колективен творечки подвиг на македонскиот народ во услови на окупација и пропаганди. Песните што им помагаа на нашите предци да ги издржат сите обиди за асимилација, станаа неотуѓив дел од нашиот идентитет. Како сведоштво за јазичниот, културниот и духовниот континуитет, песните паметат многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме.

Почитувани,

Уметниците кои денес ги одликуваме ги посветија своите животи на промовирање на овој суштински елемент на македонскиот идентитет. Преку нивниот неповторлив инструментален и вокален талент, овие врвни народни уметници ја претставија нашата изворна музика пред македонската и светската јавност на маестрален начин. Преку нивните настапи и концерти, тонски и видео записи, светот дозна за уникатниот 7/8 македонски ритам. А, самите уметници создадоа авторски дела кои беа прифатени од народот и станаа дел од сите наши приватни и јавни прослави.

Најголемиот дел од нив, денес, повеќе не се меѓу нас. За жал, повеќе од три децении, независната македонска држава им немаше изразено должна почит, на највисоко ниво, за нивното дело, иако нивните креации го прославија македонското име на сите меридијани.

Ќе започнам со бардот на македонскиот мелос, Никола Бадев кој интимно ја доживуваше песната и емотивно се вградуваше во неа. Од „Параходот“, преку „Послушајте патриоти“, па се до љубовните и шегобијни напеви, Бадев со својот глас успеваше на секоја песна да и даде душа. Негов најпознат современик е славејот од Галичник, Александар Сариевски. Овој уметник што се раѓа еднаш на 100 години испеа стотици песни, меѓу кои и антологиската „Зајди, зајди, јасно сонце“. Кон нив природно се надоврзува Васка Илиева, некрунисаната кралица на македонската изворна песна. Таа ги сплотуваше Македонците каде и да се, особено со нејзиното најизведувано дело „Земјо Македонска“. Васка Илиева остави зад себе над 1000 изворни македонски песни и беше една од најпознатите амбасадори на македонската музика во светот.

На истата генерација и припаѓа и Вања Лазарова, вокалист од светски калибар. Никој не останал рамнодушен на нејзината интерпретација на класикот „Со маки сум се родила“.

Денес се сеќаваме и на дебарчанката, Мирвет Беловска, која од љубов кон песната го отфрли фереџето, за да може слободно да настапува. Таа ни ги остави првите снимки на чалгиските напеви „По друм одам мајче“ и „Ја излези Ѓурѓо“. Од Дебарскиот крај е и великанот на градската, лирска и елегична народна песна, Кирил Манчевски. И денес, неговите музички бисери, „Абер дојде Донке” и „Кога си тргнав в туѓина“ го имаат истиот ефект врз слушателите, како и пред пет децении.

Во оваа прилика се потсетуваме и на најголемиот боем во својата генерација народни уметници, Јонче Христовски. Овој пејач, текстописец и композитор, како никој друг знаеше да се соживее со песната и да ни помогне да се препознаеме и во радоста и во тагата. Неговите „Ој, Вардаре македонски” и „Македонско девојче” се одамна прифатени кај нашиот народ како негови неформални химни.

Меѓу великаните е и Ајри Демировски, кој далеку од родниот крај со едноставни ноти и зборови знаеше да искаже најдлабоки емоции. „Битола мој роден крај“ е песна која многумина ја сметаат за песна на векот, а еден нејзин стих е испишан и на неговата надгробна плоча во Измир, Турција.

Денес на листата на одликувани имаме и две вистински дами на народната музика. Анка Гиева ја започна својата кариера со „Елено ќерко“, а се прочу со легандарните „Кажи, кажи либе Стано“ и „Ајде, слушај, слушај, калеш бре Анѓо“. Сите кои присуствувале на нејзините  концерти, паметат дека независно дали настапувала соло или во дует, секогаш пеела во живо.

Со нас денес е и Виолета Томовска која во изминативе 60 години сними над 1000 песни, одржа огромен голем број концерти во земјава и во светот, и издаде плочи со тиражи од над 100.000 примероци. Госпоѓа Виолета, Ви благодариме што ни подаривте толку многу убави песни како „Песна ви пеам, Македонци“, „За многу години Македонци“ и „Молитва“.

Почитувани,

Сите овие вокални уметници во своите кариери настапуваа со бројни оркестри и солисти, но, меѓу нив, три имиња се издвојуваат. Недостижниот мајстор, солистот на гајда, Пеце Атанасовски, беше истовремено и кореограф, играорец, педагог и основач на фестивалот на народни инструменти и песни што изнедри врвни етно-музичари. Тој не дозволуваше шундот до продре и да ја загади чистата народна традиција. Второто име на оваа листа е неповторливиот Тале Огненовски, првиот Македонец кој настапил во „Карнеги Хол“, еден од најголемите виртуози на кларинет во светот, чиј опус вклучуваше народна, класична и етно-џез музика. Легендарниот Кочо Петровски, пак, со својата хармоника и оркестар компонираше незаборавни сплетови на ора и песни што и ден денес се изведуваат. Многу наши естрадни ѕвезди ги започнаа своите кариери токму во негова придружба.

Почитувани присутни,

Ова се најголемите источници на македонската народна музика и песна. Секој од нив заслужува посебна чест и церемонија, а, заедно ни ги презентираат многубројните слоеви на изворната македонска народна музика. Тие соработувале и се поддржувале меѓусебе свесни дека не работат само за својата лична кариера, туку за една многу повисока цел. Пример за оваа преплетеност е најпознатиот дует на македонската народна музика, Томовска – Манчевски, што во придружба на Кочо Петровски, изведе многу песни напишани од Јонче Христовски.

Бадев и Сариевски остварија незаборавни дуети со Васка Илиева, Анка Гиева и Мирвет Беловска. Вања Лазарова соработуваше со Пеце Атанасовски. Христовски, Сариевски и Томовска ја прославија „Битола, мој роден крај“ на Ајри Демировски.

Нивните  дела се пример за вистински патриотизам. Затоа, не треба да чуди што нивните изведби и песни толку моќно не поврзуваат и сплотуваат, независно каде се наоѓаме во светот.

Почитувани присутни,

Сето досега кажано не води до втората голема причина поради која сме им благодарни на нашите врвни народни уметници, а е поврзана со нашиот најголем национален предизвик: поделеноста во македонското општество. Исправени сме пред не мала задача: како, во време на длабоки поделби, да ја обновиме свеста за општото добро и да размислуваме и работиме не само за личниот интерес.

Во минатото, кога не сме имале своја, слободна македонска држава, народните песни им давале сила и надеж на нашите предци да ги издржат сите премрежија. И денес, творештвото на нашите народни уметници не го дели, туку го сплотува народот. Колку и да сме раскарани, сепак, ги слушаме и пееме истите песни што не потсетуваат дека сме дел од еден ист народ.

Кога ги слушаме и пееме овие песни, стануваме дел од големата средба на поколенијата, минати и сегашни, во татковината и низ дијаспората. Бидејќи, преку народниот мелос, најавтентично го доживуваме македонскиот јазик како наша единствена, комплетна татковина. Овие песни за слободата, за болката, носталгијата и љубовта можат, барем за момент, да ни помогнат да ги заборавиме поделбите, и да свртиме нова страница во нашите животи во кои ќе имаме поголема почит едни за други.

Иконите на македонската народна музика ни даваат пример како заедно можеме да ги надминеме и актуелните предизвици. За песната „Параходот ми пристигна” да не биде наша судбина и нашите животни патеки да не ги газиме далеку од татковината.

Прочитајте повеќе

УСС УКИМ со поддршка до колегите од Србија: Да се потсетиме дека неодамна и кај нас владееше режим

УСС УКИМ со поддршка до колегите од Србија: Да се потсетиме дека неодамна и кај нас владееше режим

„Да се потсетиме дека неодамна кај нас, исто така, владееше режим чија цел беше да …