Претседателот Пендаровски прими членови на Стопанската комора Македонија – Турција, МАТТО

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, прими членови на Стопанската комора на Македонија – Турција, МАТТО.

На средбата, претседателот Пендаровски ја истакна поддршката на турските компании за македонската економија и нивниот директен придонес за подобрување на стандардот на граѓаните.

Претседателот Пендаровски посочи дека во фокусот на неговото работење ќе биде подобрување на економските состојби во земјата, бидејќи како што истакна, е неопходно сите повеќе да се посветат на економијата, имајќи предвид дека задача на секој политичар е да работи исклучиво во интерес на народот.

„За неколку месеци, со полноправното членство во НАТО нашата држава ќе ја заокружи својата безбедност и ќе стане земја со предвидлива иднина. Знам дека за секој потенцијален инвеститор стабилноста на земјата е клучен предуслов. Подеднакво е важно земјата да нема отворени билатерални прашања со своите соседи. Северна Македонија и во овој сегмент ја заврши својата работа“, рече претседателот Пендаровски.

Претставниците на Рамстор, ТАВ Македонија, Халк Банк, Џевахир Холдинг, Сити Плаза, Бис Оил, Еуролинк и на млекарата Суташ ја поздравија отвореноста на претседателот Пендаровски, како и неговата подготвеност политичката дебата во земјава да се замени со дискусија за економија.

Тие посочија дека претставуваат мост меѓу Северна Македонија и Турција и дека постои простор и расположение за уште поголемо продлабочување на економската соработка. Компаниите го информираа претседателот Пендаровски дека во последнава декада инвестициите од Турција во земјава достигнале 2 милијарди долари и дека трговската размена меѓу двете земји е над 5 милијарди долари.

Бизнисмените од претседателот Пендаровски побараа и натаму да се заложува за политичка стабилност и политичка предвидливост во земјата, бидејќи тоа ги охрабрува компаниите да ги зголемат инвестициите.

Претседателот Пендаровски рече дека ќе се заложи за теоретско и практично подобрување на Договорот за слободна трговија, којшто го потпишале двете земји пред речиси 20 години, имајќи предвид дека на тој начин уште повеќе ќе се зголеми трговската размена меѓу Северна Македонија и Турција, што во крајна линија ќе резултира со подобрување на стандардот на граѓаните на земјата.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …