Приклучувањето на домаќинствата на дистрибутивната мрежа на природен гас ќе чини под 100 евра, најави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.

Јавниот-приватен партнер кој ќе ја развива дистрибутивната мрежа, треба да биде избран до јуни, а во игра се две компании од Турција, АКСА и ПАЛЕТ ИНСААТ. Компанијата која ќе биде избрана, треба да вложи 300 милиони евра, а од неа ќе биде побарано да обезбеди и соодветни евтини кредити кои ќе им овозможат на домаќинствата да ја заменат инсталацијата на рати на повеќе години. Дополнително, и од општините ќе се бара да даваат донации за домаќинствата кои ќе сакаат да се приклучат на мрежата на природен гас.

„Она што е важно е дека тендерски услов кој ќе биде најбитен, ќе биде најниската цена која ќе се понуди за приклучок на природен гас. Нашите очекувања се дека тоа ќе биде под 100 евра по приклучок,“ рече Бислимоски.

Од страна на РКЕ е изработена првичната верзија на новата методологија за определување на цените за дистрибуција на природен гас на мрежи кои ќе се градат од почеток. Целта е да се гарантира цената на гасот и да се прави контрола во првите години од работењето.

Бислимоски истакна дека сега, во градовите каде е развиена дистрибутивната мрежа на природен гас, приклучокот чини 500 евра.

Од градовите кои се подготвени за гасификација се Штип и Крива Паланка. Тие се првите македонски градови после Струмица и Куманово, со комплетирана проектна документација за секундарната мрежа, а во фаза на изработка е и документацијата за Прилеп, Битола и Тетово. 2021 ќе биде годината кога ќе започне изградбата на секундарната гасоводна мрежа во 10 македонски градови со што цевките за гас ќе стигнат до домаќинствата,“ најави премиерот Зоран Заев.

Според директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи реализацијата на капиталните инвестиции во гасоводната инфраструктура, како примарната, така и секундарната, гасната интерконекција со Грција, а потоа и со другите земји во регионот, ќе биде во фокусот на АД Национални енергетски ресурси во наредните години.

Реџепи додаде дека дека обезбедувањето на природен гас како енергенс за компаниите и домаќинствата ќе доведе до нивни намалени трошоци, но и намалување на загадувањето и заштита на животната средина, односно подобри услови за живот на граѓаните.

Во намалување на цената на гасот во иднина од големо значење и тоа што Македонија ќе учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александрополис, како и инвестиција во гасниот терминал, чие што пуштање е предвидено за 2023 година.

„Обезбедувањето на природен гас како енергенс за компаниите и домаќинствата ќе доведе до намалување на трошоците и загадувањето и заштита на животна средина. Користењето обновливи извори на енергија и замена на јагленот со гас е важен стартешки интерес,“ рече Заев.

Јужниот гасен коридор, на кој што припаѓа и Александрополис е проект вреден 40 милијарди долари, минува низ 3.500 километри територија, од Баку до јужна Италија, преку Грузија, Турција, Грција и Албанија.

Главен извор на гас за системот е наоѓалиштето „Шах Дениз“ во Каспиското Море, со резерви од 1,2 трилиони кубни метри.

Инаку, интересот на домаќинствата за потрошувачка на гас е се поголем, па така, анализите на Регулаторна комисија за енергетика и водени ресурси покажуваат дека на пример лани за 12,5 отсто е зголемена вкупната потрошувачка на природен гас во споредба со 2019 година. Вкупно 471 потрошувачи, од кои 340 се домаќинства, потрошиле над 338 милиони нормални метри кубни гас. Во 2020 година има 53 нови приклучоци од категоријата домаќинства, во споредба со 2019, кога се регистрирани само 14 нови приклучоци.

Извор: МЕТА