По 14-ти пат, Општина Прилеп ја одбележа градската слава „Св.Никола“. Честувањата започнаа со свечената божествена литургија во црквата „Св.Благовештение“, со која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан, после што следеше водосвет и сечење на славскиот колач пред параклисот во центарот на градот, како и богатата посна трпеза која ја обезбедија годинешните домаќини, семејството Небрежанец.
Во своето обраќање, градоначалникот Илија Јованоски нагласи дека Свети Никола важел за заштитник на целото население, поради што бил многу почитуван и ценет светител, без разлика на религиозната припадност.
„Овој празник кој се одбележува со традиционалните христијански обичаи, убавата посна трпеза, дружење, песна, одење и пречекување гости, не’ потсетува на важноста на почитувањето, заедништвото, сплотеноста и убавината во негувањето на богатата и позната прилепска традиција и култура. Убавата мисла, хуманоста, солидарноста, посветеноста, слогата, почитувањето, добрососедските односи, убавиот муабет и дружењата, да бидат вредности кои ќе не’ водат во новата година, кои ќе бидат влог на секој од нас во градењето подобар и посреќен живот во нашата заедница“, истакна градоначалникот Јованоски.
Годинешен домаќин на градската слава е семејството Небрежанец, кои се одлучиле да бидат домаќини на „Св.Никола“ заради негувањето на верата и традицијата и желбата сето тоа да им го пренесат во наследство на трите ќерки.
„Чест и задоволство ми е што токму јас сум домаќин на славата ‘Св.Никола’. ја користам оваа прилика да ги поздравам сите православни граѓани. Сакам посебно да го поздравам г.г.Стефан, но и сите останати кои сте дел од оваа традиција, сите кои сте дел од овој патрон празник на нашиот град“, изјави домаќинот на славата, Кирил Небрежанец.
Заблагодарувајќи се на честа да бидат следните домаќини на градската слава, Тони Тарунџиоски, еден од сопствениците на фирмата „Футура“, потенцираше дека тој и неговиот колега Душан Качкиноски ќе направат се’ за да ја оправдаат довербата и да ја продолжат традицијата на славење на Свети Никола, како патрон на градот.
Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г.Петар, рече дека светиот Николај, архиепископот Мирликијски Чудотворец, бил најпочитуваниот од сите светители.
„Говориме за светител кој што е образец на милосрдието, кој што бил правило на верата, светител кој што помагал и правел добри дела, кој бил светител и по срце, и по душа и по ум“, напомена владиката Петар.
За сите добронамерници кои денеска излегоа да го прослават патронот на градот, домаќините обезбедија богата посна трпеза на која се најдоа околу 70.000 илјади сарми, 300 килограми риба, 100 килограми маслинки, грав, алкохолни и безалкохолни пијалоци.