Денеска, во пресрет на Новата 2021 година, градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, го ставија во функција новиот армирано-бетонски мост на Градска река, прв од ваков вид кој во Прилеп се гради после 48 години.

„Благодетот од новиот мост на улицата ‘Трајко Николоски’ ќе го користиме сите ние, но и идните генерации во следните 50 и повеќе години. Површината на мостот е 849 м2, должината е 24 метри а заедно со мосниците 30 метри. Во најтесниот дел мостот е широк 22 метра а за неговата изградба од општинскиот буџет се одделија 35 милиони денари. Мостот ќе ги поврзува не само граѓаните од двете страни на реката, туку и двете индустриски зони каде има најголем проток на товарни возила, автомобили, велосипеди и пешаци“, изјави градоначалникот Јованоски.

Јованоски искажа благодарност до сите оние кои директно или индиректно го дадоа својот придонес во изградбата на мостот: членовите на Советот на општина Прилеп, општинската администрација, изведувачот на работите, градежната компанија „Стентон градба“, како и надзорот на работите.

„Со почетокот на градежната сезона во новата 2021 година, ќе биде реконструирана улицата ‘Трајко Николоски’, на потегот од новиот мост, преку железничкиот премин, до улицата ‘Александар Македонски’, во вкупна должина од 400 метра, за што од буџетот се издвоени 18 милиони денари. За инфраструктурните проекти за следната година, предвидени се вкупно 81 милион денари, за реконструкција на улици во градот и населените места. Да потсетам дека тука се и трите капитални проекти кои ќе бидат реализирани следната година: новата детска градинка, затворениот базен и реконструкцијата на Старата чаршија“, истакна градоначалникот Јованоски и изрази надеж дека следната година ќе биде посреќна и подобра за сите, како од здравствен така и од економски аспект.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, напомена дека во повеќе наврати дискутирале со градоначалникот Јованоски за изградбата на мостот.

„Знам со каква желба и енергија градоначалникот Јованоски влезе во реализација на овој проект, со цел да биде квалитетен и корисен за граѓаните, за сегашните и идните генерации. Ваквите инфраструктурни проекти даваат шанса за развој на општините, за развој на бизнис секторот и за посилен локален економски развој. Средствата вложени во овој проект се вложени на вистинско место. Мостовите ги поврзуваат и зближуваат граѓаните, а после една тешка година која заедно ја поминавме, добро е што се реализираат капиталните инвестиции и верувам дека следната година ќе имаме уште посилен развој и на градовите, но и на целата држава“, нагласи министерот Бочварски.

Тој упати порака до граѓаните на Прилеп, дека Владата донела одлука за преземање, односно продолжување на работите на делницата Градско-Дреново и дека со создавањето услови за градење, компанијата „Штрабаг“ ќе започне со изградба на оваа делница. Министерот Бочварски напомена дека изборот на изведувач на работите од втората делница од Дреново до Фариш, е во фаза на евалуација и напролет ќе започне нејзината изградба, а со автопатското решение од Прилеп до Битола, граѓаните од Пелагонискиот регион ќе добијат современа патна инфраструктура.