Прилеп: Отчет за едногодишното работење на ЈП ПУП, „Пазари“ и Територијалната противпожарна единица

Првите луѓе на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови (ЈП ПУП), ЈКП „Пазари“ и Територијалната противпожарна единица – Прилеп, Марија Цветаноска, Кристијан Илиески и Виктор Стојчески, денеска излегоа пред граѓаните со отчет за реализираните проекти во текот на 2019 година.

Покрај на меѓународен тендер набавените 4 нови нископодни автобуси на метан кои се ставени во функција на градскиот сообраќај, одделението за градски превоз при ЈП ПУП со еден автобус врши превоз на работници вработени во „Гентерм“, во ТИРЗ зоната. Во тековната година, јавното претпријатие успешно го организираше паркингот за возилата присутни на „Пивофест“, при што од остварениот приход во хуманитарни цели беа издвоени 62.290 денари.

„Во областа на урбанистичкото планирање, изработени се или се во постапка на изработка повеќе архитектонско урбанистички проекти за Гимназијата ‘Мирче Ацев’, ООУ ‘Кире Гаврилоски’, ООУ ‘Блаже Конески’ и Градскиот стадион Гоце Делчев, како и детални урбанистички планови за десетина блокови. Исто така, изработени се проекти за инфраструктурна градба за булеварот ‘Гоце Делчев’ и улицата ‘Прилепски бранители’, велосипедска патека во функција на развивање на авантуристички туризам, како и за патот од село Оревоец до село Крстец. Дел од реализираните активности се и основните проекти за пешачки патеки, спортски игралишта, инфраструктура за изградба на велосипедска патека, за пристапна улица со паркинг простор, потпорен ѕид на улица ‘Прохор Пчински’, како и за градби со кои се овозможува олеснето движење на лица со инвалидност за сите основни и средни училишта“, истакна Марија Цветаноска, в.д. директорка на ЈП ПУП.

Директорот на ЈКП „Пазари“, Кристијан Илиески издвои три круцијални моменти кои се однесуваат на едногодишното работење на јавното претпријатие.

„Како прво, пазарот за прв пат е легализиран, односно решени се имотно-правните проблеми наследени од претходната власт. Се’ досега, пазарот се водеше како нелегално земјиште, односно ‘дворно место’ кое Општината му го дала на користење. Втор момент е поставувањето на соларни колектори, како резултат на претходно изработена физибилити студија. Во соработка со Министерството за локална самоуправа и Општина Прилеп, проектот е целосно завршен со поставувањето на фотоволтаични колектори над текстилниот дел од пазарот, со што се елиминираат трошоците за електрична енергија. Трето, финансиските долгови на ЈКП ‘Пазари’ се минато. Исплатен е целокупниот долг кон УЈП заедно со репрограмираното ДДВ, исплатен е К-15, а наследениот долг од 5 милиони денари е целосно исплатен. Следната година приоритет ќе ни биде покривање на пазарот, со што тој ќе добие нов, модерен лик“, изјави Илиески.

Командирот на ТППЕ – Прилеп, Виктор Стојчески напомена дека во 2019 година, вработените се соочиле со енормен број на пожари.

„Бројката се движи околу 370 пожари на отворено, во урбана средина 180 пожари, како и дваесетина технички интервенции. Тоа значи дека противпожарната единица буквално е ангажирана 24/7, со сите нејзини пожарникари кои беа соочени со големиот број на пожари. Годинава се подновивме со едно ново противпожарно возило заедно со потребната опрема, како и едно теренско возило кое е донација на ‘Витаминка’. Од соработката на Општина Прилеп со Пелагонискиот плански регион, добиена е опрема за самите пожарникари, обновување на техничките карактеристики на интервенциите, како и опрема со хидроулични алати и придружни средства кои се неопходно потребни при интервенција во сообраќајки“, потенцираше Стојчески.

Истовремено, Стојчески упати уште еден апел до граѓаните за зголемување на свеста за последиците од намерно или случајно предизвиканите пожари.

Прочитајте повеќе

мицкоски

СДСМ: Мицкоски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија

Соопштение за јавност на СДСМ Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола …