Медицинско Ѓорче Петров Прилеп

Прилеп: Со пари од Министерството за образование, започна реконструкцијата на училиштето „Ѓорче Петров“

Во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ – Прилеп, во тек се градежни активности за негова реконструкција. Со оваа капитална инвестиција вредна 12.663.3420,00 денари, или приближно 200.000 евра, средства на Министерството за образование и наука (МОН), целосно ќе се промени ликот на училишната зграда која е ставена во функција во далечната 1963 година.

Реконструктивните зафати предвидуваат изработка на термоизолациона фасадна обвивка, реконструкција на подовите и на електричната инсталација во сите училници и канцеларии на трите ката, дренажа и нејзино поврзување во постојната атмосферска канализација, промена на осветлувањето и поставување лед сијалици во целото училиште и училишниот двор, санација на внатрешните ѕидови од влага, промена на азбестните плочи на дел од покривот на училишната зграда, како и боење на ѕидовите со крпење и монтажни работи.

Петра Лукароска„Со овој капитален проект комплетно ќе се промени ликот на училиштето, ќе се подобрат условите за изведување и следење на наставата, ќе имаме поквалитетен образовен процес, подобра хигиена и зголемена енергетска ефикасност. Драго ми е што Министерството за образование ја препозна потребата од една ваква, безмалку, генерална реконструкција, бидејќи станува збор за објект стар скоро 60 години“, вели директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Петра Лукароска.

Таа истакнува дека проектите за понатамошно подобрување на условите во училиштето не треба овде да запрат и дека следно што треба да се направи, е реконструкција на стариот опожарен објект за изведување на практичната настава.

„Не смееме да дозволиме негово понатамошно руинирање, затоа што нашето училиште продуцира кадри од повеќе образовни профили кои му се потребни на градот“, потенцира Лукароска.

Изведувач на работите е ИБО ПОД ДООЕЛ Прилеп, а рокот за завршување на реконструктивните зафати е 6 месеци, сметано од денот на воведување во работа.

Прочитајте повеќе

Прилеп: Наградата за владиката Петар ги избрка советниците на СДСМ и Коалицијата од свечената седница на Совет

Прилеп: Наградата за владиката Петар ги избрка советниците на СДСМ и Коалицијата од свечената седница на Совет

Соопштение за јавност на СДСМ по повод одлуката на мнозинството во Советот на општина Прилеп, …