Прилепчанки низ времето – посветени домаќинки, храбри револуционерки, истакнати интелектуалки

Прилепчанки низ времето – посветени домаќинки, храбри револуционерки, истакнати интелектуалки

Извадоци од текстот на историчарот Рубин Белчески „Жената во прилепскиот крај во првата половина на 20 век“, како дел од проектот „Музеј на женски приказни“

Низ долгите и мачни борби за национална слобода и афирмација, на почетокот од 20 век жителите на Прилеп и прилепско поднесувале големи жртви. Со појавата на македонската револуционерна организација во прилепскиот крај, борбата уште повеќе се засилила и добила поорганизиран карактер.

Во големата Илинденска епопеја, покрај истакнатите револуционери од овој крај како Ѓорче Петров, Пере Тошев и браќата Ацеви, забележително било и учеството на жената-револуционер. Меѓу оние коишто биле вклучени во револуционерната организација и помагале на движењето, биле и Параскева Лозанчева, директорка на Прилепското женско училиште, Цветанка Сенокозлиева, Фота Роканова и повеќе други.

180 ученички во првото женско училиште во далечната 1865 година

Образованието во Прилеп има своја традиција. За тоа зборува фактот дека уште во 1865 година, во куќата на дедото на револуционерот Пере Тошев, било отворено првото женско училиште во кое прва учителка била Недела Петкова Караиванова. Во него биле запишани 180 прилепчанки, бројка, за тоа време, достојна за почит. Во учебната 1904/05 година бил отворен и таканаречениот „ракотворен курс“, односно стопанско училиште, кое подоцна било затворено заради Првата балканска војна.

Во однос на застапеноста на жената како ученичка и учителка, карактеристична е учебната 1911/12 година, кога во прилепските училишта имало 1.183 ученици и 989 ученички, како и 18 учители и 22 учителки.

После завршувањето на Првата светска војна, во учебната 1919/20 година било отворено Женското занаетчиско училиште кое работело се’ до 1941 година и во кое се учело кроење, шиење, килимарство и други занаети.

Во Прилеп од 1923 година работела и Учителска школа, која подготвувала кадри за училиштата низ Македонија и пошироко. Истакнати учителки од Прилеп кои придонеле за развој на образованието биле Сава Алексиева, Захарија Грашева, Ташка Димева, Ката Зојчева, Ташка Мартинова, Захарија Мојсомирова, Фана Мрзенска, Евгенија Ракиџиева, Фанија Танева, Нона Хаџиспирова и други.

Жената имала голем придонес во развојот на музичкиот живот во Прилеп. Од овој период потребно е да се спомене еманципираната Дафа Цепенкова, тетка на Марко Цепенков. Учителката Олга Николоска (родена Миливојевиќ) имала голем придонес за професионалната ориентација на својот сопруг, Васил Николоски, композитор и диригент во мешаниот хор „Билјана“, мајка на композиторот Властимир Николоски.

Истовремено, мешан хор постоел и во рамките на Учителската школа и Гимназијата. Во 1930 година формирано е музичко-пејачкото друштво „Монопол“, во кое членувале работници и работнички вработени во Монополот. Во 1934 година со работа започнало и Работничко културно-уметничкото друштво „Коста Абрашевиќ“, во кое функционирале разни секции: музичка со хор и оркестар, драмска, литературна, ликовна, постоел дебатен клуб, а се организирале и голем број предавања, дискусии, приредби, игранки, матинеа, екскурзии и друго. Во драмската секција активни биле Адријана Бомболова-Улчар, Гица Попоска, Љуба Чучуроска и други.

33 прилепчанки носителки на „Партизанска споменица“, 20 ги положиле животите на браникот на татковината

Голем број жени од Прилеп и прилепско биле вклучени во отпорот и партизанското движење.

Почетокот на антифашистичката револуција, 11 Октомври 1941 година, Прилеп го дочекал со жена-секретар на МК на КПЈ за Прилеп, народниот херој Вера Ацева. Во првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ вклучени биле жените-борци: Мара Јосифоска-Ѓурѓа, Весела Крстеска Брезоска-Луња, Даница Јорданова-Оровчанец, Павлина Пирганоска, Ленче Секулоска-Веда и Венда Темелкоска Ѕвезда.

Од почетокот на востанието значителен број на жени, рамо до рамо со мажите, зеле директно учество во народноослободителното движење: 33 прилепчанки се носители на „Партизанска споменица 1941“, а 20 жени-борци загинале на браникот на татковината, меѓу кои и сестрите Вера и Нада Циривири, Панде Чесноска, Илка Присаѓанка, Пенка Котеска, Блага Ружето, Цена Џинорозот, Донче Црвенкоска. Прилеп дал и една жена народен херој – Вера Ацева.

И по ослободувањето, прилепчанки продолжиле со својата важна улога во општеството и во социјалистичката изградба на својата татковина. Многу од нив биле директно вклучени во новоформираните органи и организации на новата држава.

Една од нив била Васка Циривири, мајка на загинатите хероини Вера и Нада Циривири, која на Првиот конгрес на Антифашистичкиот фронт на жените на Македонија (АФЖ), одржан на 15 декември 1944 година во Скопје, била избрана за прва претседателка. На истиот конгрес, Лефта Јосифоска, мајката на народниот херој Кузман Јосифоски-Питу, била избрана за потпретседателка на АФЖ.

ЧЕСТИТ 8 МАРТ!

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …