Прилепскиот театар ја подготвува претставата „Круг“

Прилепскиот театар ја подготвува претставата „Круг“

Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ во тек се подготовките на новата претстава „Круг“, по текст од Едвард Олби а во режија на Јован Ристовски.

Оригиналното име на текстот е „Дамата од Дебјук“ од Едвард Олби, за кој преводот и драматизацијата ги направи драматурот Лидија Митоска Ѓорѓиевска.

Режисерот Ристовски објаснува дека во претставата ќе се зборува за една приказна, за една врска, брак кој се распаѓа.

  • Причините не се заради несогласувања, туку заради тоа што едниот лик, Џо умира од рак и нејзиниот партнер Сем не знае како да се соочи со смртта. Го губи тлото, самодовербата и не ја прифаќа вистината. Ова е интегрална приказна, која за мене е  мотив да проговорам како се распаѓа едно друштво. Оваа приказна  на Олби е за распадот на едно општество, на еден општествен систем, за распадот на еден театар, на било како тип на заедница. Мотивите беа да ги прикажам нашите лични проблеми во театарот, бидејќи во театарот во Македонија  последниве  години се лута, не знаеме во кој правец се движиме, што е театар, каде е нашата дисциплина во работата, нашата професионалност!?  Мислам дека како театарџии треба да се запрашаме до каде сме, што сакаме, што правиме? Всушност правам претстава за проблемите кои ги тргаме настрана. Напротив треба јасно да проговориме за нас, за нашето јас. Треба самите ние да се преиспитаме  за да увидиме каде грешиме и да станеме подобри. За разлика од многуте ракурси што се отвораат во театарската уметност во Македонија, со оваа приказна, како режисер,  сакам да раскажам за нас.
  • Во претставата играат Даниела Иваноска, Игор Трпчески, Димитар Црцороски, Наташа Ачански, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска Илијеска и Александар Тодески. Првиот чин ќе е реализам и натурализам и публиката ќе гледа реална приказна, а вториот чин е надреализам, кој станува пародија, кој не’ носи во свет што може да ни ја даде театарската магија. „Круг“ заради тоа што генерално се вртиме во круг и никако да испливаме на површина и да се избориме за тоа што го сакаме. Претставата ќе има класична музика и електронски звуци, а самиот театар ќе биде сценографија, додека  костимите се на Андреј Георгиевски – вели режисерот Ристовски.

Премиерата на „Круг“ е планирана за средината на јули, а претставата е поддржана од Министерството за култура во годишната програма за 2022.

Прочитајте повеќе

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Гала премиерата на реставрирана копија на филмот „Пред дождот“, што се одржа на 9 декември …