Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе претставата „Пиреј“

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе претставата „Пиреј“

Прилепскиот ансамбл на сцената од театарот „Војдан Чернодрински, утревечер
од 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Пиреј“, чија драматизација е
работена според култниот роман на Петре М. Андреевски, а во режија на Љупчо
Ѓорѓиевски.

За првите луѓе на прилепскиот театар, една од причините за поставување на овој
текст на матичната сцена, е актуелноста на денешната ситуација, која
соодветствува со романот на Петре М. Андреевски, објавен во 1980 година.
Романот го обработува турбулентното време на балканските војни, Првата
светска војна и периодот непосредно после неа. Време во кое, како што вели
режисерот на претставата, на овие простори се измешале многу војски и многу
интереси. Точно таа турбулентност, за Ѓорѓиевски е повод да се зафати со оваа
тема, бидејќи денешните многу потсетуваат на тие околности пред повеќе од 100
години.

„Бидејќи ‘Пиреј’ е роман за нашиот опстој како народ, сакав во претставата да им
дадам шанса на Велика и Јон повторно да се сретнат. Не само што е уништено
нивното семејство и тие како ликови, туку уништена е и нивната љубов. А, што се
тие виновни за тоа? Имав потреба, тоа беше интимната причина да ја правам
оваа претстава, да им дадам шанса повторно да се видат, како што вели попот во
претставата ‘ако не на овој свет, тогаш на оној“. Да се најдат, да се смират и
повторно да се сакаат. Тоа е нашиот опстој. Не знам дали ќе опстоиме вака, или
ќе мораме да опстојуваме на друг начин, на друго ниво“, истакнува Ѓорѓиевски.

Во „Пиреј“, ликот на Јон Мегленоски го толкува Александар Степанулески, кој вели
дека љубовта на Јон и Велика треба да им биде пример на младите генерации,
дека ако на светот останало нешто неискоренето, тогаш тоа е љубовта. За Марија
Спиркоска Илијеска, која што во претставата го игра ликот на Велика Мегленоска,
зборовите што ги напишал Петре М. Андреевски придонесуваат актерите во
ниеден момент да не се почувствуваат непријатно во репликите, бидејќи сè што
излегува на сцената е сосема природно.

Во претставата учествуваат вкупно 28 лица, од нив 18 актери, двајца статисти и 8
деца. Сценографијата е дело на Валентин Светозарев, костимографијата на
Андреј Ѓорѓиевски, а музиката ја напишал Димитар Андоновски.

Овој е прв проект од Програмата, а втора премиера на прилепскиот театар
годинава. До крајот на годината, ансамблот на прилепскиот театар „Војдан
Чернодрински“ ќе продуцира уште 3 премиери.

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …