Прилепското стопанство се соочува со сериозен проблем. Компаниите од тутунската, текстилната, услужната, графичката и други дејности, бележат недостиг на технички кадари со средно образование пред сè. Ова е причината за свикување на денешната седница на Управниот одбор на Стопанската Комора-Регионална канцеларија во Прилеп.

Стопанствениците посочија на многу примери во кои што вработени даваат откази без почитување на законската регулатива, која што предвидува и отказен рок. А, има како што велат и случаи, каде што само не се ни подигнуваат документите за прекин на работен однос и дотогашните вработени, дури и без најава не се појавуваат на работно место. Стопанствениците оценија дека треба да се преземат мерки за почитување или допрецизирање на законската регулатива по ова прашања.

Градоначалникот Илија Јованоски, којшто присуствуваше на оваа седница на УО на Стопанската комора – Прилеп, рече дека негов императив е да се создадат услови за нови вработувања во градот, цената на трудот да биде повисока и да се стимулираат нови инвестиции.

„Мислам дека се наоѓаме во една апсурдна ситуација. Затоа што до вчера зборувавме дека невработеноста е многу голема, дека не знаеме како да се справиме со сето тоа. А, сега дојдовме во ситуација дека немаме доволно работна сила. Ова не кореспондира со реалноста. Мислам дека треба да најдеме начин како сето тоа добро да го изменаџираме и државата и Општината и сите стопански субјекти да најдеме начин за да нема одлив на млада работна сила во странство, а уште повеќе да направиме амбиент да најдеме начин да останат овде. Да создадеме услови сите тие млади едуцирани и стручни кадри да останат овде“, рече градоначалникот Јованоски.

Тој посочи на пример од „Тутунски Комбинат“ и „Филип Морис“, во насока на ублажување на истиот проблем. Според него, ако им се даде соодветна, адекватна и доволна стипендија на многу млади луѓе, тогаш тие ќе останат овде и ќе работат.

„Сега е доцна. Но,за следната година ќе направиме точна анализа какви кадри технички, на пр. машинобравари се потребни, такви струки да има во училиштата. Така со планирање на образованието се превенираат овие проблеми. А, добро е и тоа што компаниите со странски капитал ги зголемуваат платите. Но, треба да се создадат услови и да се задржат младите овде во градот. Сега е моментот кога Македонија може да влезе во НАТО и ЕУ, и да се искористат сите тие фондови на ЕУ. Така што тие средства ќе се искористат за да се создаде севкупен амбиент младите да останат овде“, рече градоначалникот Илија Јованоски.

Според стопанствениците треба да се доведат во рамноправна положба домашните и странските компании, кои што имаат свои капацитети во ТИРЗ-овие. Со користење на државни субвенции, тие нудат повисоки плати на вработените, така што придонесуваат за одлив на работната сила од компании каде што работеле досега.

„Витаминка поддржува и активно партиципира во насока да се изнајдат начини и мерки за ублажување на проблемот со недостиг на технички кадар на пазарот на трудот, со којшто се соочуваме во последно време. Ни недостигаат пред сè кадри со средно образование. Со цел да ги направиме нашите компании поатрактивни на пазарот на трудот, предлагаме мерки коишто одат во насока на тоа нашите домашни компании да бидат поконкурентни во однос на компаниите што работат во индустриските зони, коишто вработуваат многу поголем број работници“, вели Орде Ѓорѓиоски, директор на сектор за правни и општи работи во ПИ „Витаминка“.

Тој истакнува дека покрај бројните награди и начини на мотивирање на кадрите, во тек е програмата за стипендирање на студенти на Технолошко-металуршкиот факултет, со цел да се привлечат младите од градот привин да се запишуваат на овој факултет, а потоа да ги привлечеме својата кариера и професионален развој да го продолжат во „Витаминка“.

Според него, ПИ „Витаминка“ презема и други мерки и активности, но со здружени сили, сигурно дека ќе се дојде до оптимални решенија. Коренот на овој проблем, вели дека е во масовното иселување на младите луѓе и семејствата од државата. Овој проблем смета Ѓорѓиоски не може да се реши преку ноќ, туку е потребна координирана  и синхронизирана активност на бизнис секторот со инспекциските служби и налдежните институции во државата.

Оваа е оценка и на другите стопанствените. Решението за овој локален проблем треба да се бара пред сè во поддршката на државата за да се стави стоп и на иселувањето, а со тоа и на одливот на кадрите, коишто пак се од една страна работници, но од друга се и потрошувачи.

Што се однесува до конфекциите. Во „Комфи-ангел“ порано за една апликација за вработување се пријавувале по 140, а  сега едвај 10 -ина работници.

„Една од клучните точки во овие моменти е недостигот на работна сила. Пред извесен период разговаравме за недостиг од едуцирана работна сила, но сега станува збор за недостиг од работна сила, воопшто. За жал состојбата не е подобра, ниту во регионот. Пред извесно време бев во Босна, ситуацијата и таму е уште полоша. Половина Албанија е веќе иселена, Хрватска … Ситуацијата е секаде иста, младата популација го напушта регионот и заминува во европските земји. Дефинитивно процесот на емиграција ние не можеме да го спречиме. Но, мора да најдеме начин и на локално,национално и регионално ниво како да го амортизираме,за да не предизвикаме економски негативни ефекти во стопанството и на капиталот во Прилеп и во државата“, порача Ирена Јакимоска, претседателка на Управниот одбор на Стопанската комора –Прилеп и сопственик на конфекцијата „Комфи-Ангел“.

Менаџерите на секторите за човекови ресурси на сите фирми, како што рече веќе формирале работна група којашто работи на регулирање и надминување на овој проблем.

„Проблемот може да се реши на национално ниво. Да се направи Стратегија за да може компаниите да ‘увезуваат’ работна сила,зашто во градот недостига кадар од машки пол, потоа, нема конфекционери, бравари и друг технички кадар.По примерот на Бугарија треба и кај нас да се овозможи организирано да доаѓаат кадри до Индија.Значи можеме да го следиме тој чекор. Или мојата визија е да можеме да им овозможиме на странски државјани да студираат на нашите факултети, зашто не само што од една страна, губиме работна сила, туку ние губиме потенцијални потрошувачи. Тоа де факто влијае на стопанството кое што работи на домашниот пазар. Кога се намалува популацијата, тогаш се намалува и приходот од ДДВ“,изјави Јакимоска.

Според Јакимоска 538.000 граѓани заминале од Македонија последнава деценија.