Присуството на „Вагнер“ во Белорусија би можело да е опасност за балтичките земји

Ваквите предупредувања од експертите следат откако полскиот премиер Матеуш Моравјецки во саботата тврдеше дека некои платеници на „Вагнер“ почнале да се движат кон коридорот Сувалки

Дел од земјите на НАТО се загрижени дека платениците на „Вагнер“ би можело да предизвикаат проблеми во Белорусија, бидејќи нивната група би можела да се обиде да организира напад преку кој би ја одвоил територијата на балтичките земји од останатите членки на НАТО, пишува Јуроњуз.

На ова предупредуваат и експерти кои ги контактирал Јуроњуз, при што професорот по руска политика Стивен Хол од Универзитетот во Бат предупредува дека „Вагнер“ би можело да организираат упад од помали размери, како провокативна операција под лажно знаме за да ја прикријат директната руска вмешаност.

„Примарната цел на Русија отсекогаш била да покаже дека НАТО е само тигар на хартија“, изјави Хол за Јуроњуз, додавајќи дека со отсекување на Балтикот, Русија би можела да истакне дека НАТО Алијансата нема да им помогне на нејзините членки.

Ваквите предупредувања од експертите следат откако полскиот премиер Матеуш Моравјецки во саботата тврдеше дека некои платеници на „Вагнер“ почнале да се движат кон коридорот Сувалки, кој е ретко населена копнена површина што се наоѓа меѓу членките на НАТО – Литванија и Полска на север и југ и Белорусија и руската енклава Калининград на исток и запад.

Доколку би успеале да го освојат коридорот Сувалки, тогаш Белорусија и Русија би можеле да ја прекинат копнената поврзаност на балтичките земји со останатите членки на НАТО.

„Вагнер се релативно добро опремени, тие се обучени и имаат капацитет не само од аспект на оружјето, туку и за пропагандата“, изјави Хол за Јуроњуз.

Сепак, ваквиот напад на „Вагнер“ би го принудило НАТО да интервенира, односно да биде активиран членот 5 од Договорот на НАТО според кој ако некоја земја-членка е нападната, тогаш таков напад би се сметал како напад врз целата Алијанса. Професорот Хол верува дека загриженоста на Полска и балтичките земји е насочена кон добивање на дополнителна помош од ЕУ и од НАТО за заштита на нивните граници.

Во меѓувреме, информации пристигнуваат од Русија дека истиот облакодер во Москва кој беше цел на напад на дронови од пред неколку дена изминатава ноќ повторно бил оштетен од напад на дрон, јавува Би-би-си. Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин рече дека неколку беспилотни летала биле срушени во текот на изминатава ноќ над рускиот главен град, но сепак еден погодил зграда. Нема информации за жртви, но стаклениот облакодер повторно е оштетен од нападот.

Руското Министерство за одбрана за нападот со дронови ги обвини властите во Кијив, но украинските власти засега не ја презеле одговорноста за нападот и во изминатиов период вообичаено не даваа официјални коментари за ваквите напади.

Руските власти соопштија дека биле соборени два украински беспилотни летала од противвоздушни системи во регионот на Москва, додека московскиот аеродром Внуково исто така накратко бил затворен.

Во меѓувреме, украинските власти соопштија дека Русија изминатава ноќ го нападнала градот Харкив со пет дронови „Шахед“ од иранско производство. Нападите резултирале со оштетување на спортски комплекс, при што едно лице е повредено. Во друга населба во Харкив било уништено школо од руските дронови.

Растат бројките на загинати и повредени цивили од рускиот смртоносен ракетен напад на градот Криви Рих што се случи во текот на вчерашниот ден. Бројот на повредени се зголеми на 81, додека најмалку 10 цивили загинаа откако руска ракета погоди станбена зграда. Меѓу загинатите цивили врз нападот на невоен објект во Криви Рих е и 10-годишно дете, пишува Гардијан.

Прочитајте повеќе

Две години од почетокот на руската инвазија на Украина

Украина денеска одбележува две години од почетокот на целосната руска инвазија на земјата. Се очекува …