портокалова фаза

Продолжува портокаловата фаза – од денеска забрана за движење во шумите и заштитените подрачја

Забраната важи и за движење во националните заштитени подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер. На подрачјето на Водно каде нема забрана за движење, се предвидени редовни контроли

Портокаловата фаза во којашто се наоѓа земјава продолжува и денеска и се очекува да трае во следите десетина дена. Оваа информација ја соопштија вчеравечер од Владата, по одржаната седница на која била разгледана Информацијата од Министерството за здравство за високите температури што се очекува да продолжат и деновиве.

Портокалова фаза летово за првпат беше прогласена од четвртокот, кога стапија на сила мерките и препораките за заштита на населението што начелно важеа до неделата. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), високите температури ќе продолжат и во наредните денови, а сите региони во државата – скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот остануваат во портокалова фаза.

Препораките за намалување на ризиците од високите температури продолжуваат и денеска и ќе траат до 25 јули, а Владата препорачува:

  • Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, чии работни ангажмани не е можно да се спроведат преку онлајн работа. Односно, ослободување од физичко присуство на работното место на најранливите групи население, како што се бремените жени и лица на возраст над 60 години, со организирање онлајн работата, таму каде техничко-технолошкиот процес го овозможува тоа;
  • Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
  • Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници;
  • Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Согласно добиените информации, Владата одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките, приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците (пред сè избегнување на престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот), сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот – ова особено се однесува на работата на градежните работници.

Владата, исто така, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги задолжи стопанисувачите со државни шуми од денеска да прогласат забрана за движење во шумите, по добиена претходна согласност од надлежното министерство.

Забраната важи и за движење во националните заштитени подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер. На подрачјето на Водно каде нема забрана за движење, се предвидени редовни контроли.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

СДСМ со повик за лидерска средба за стабилност

СДСМ со повик за лидерска средба за стабилност

Прес-конференција na Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ Почитувани граѓани, Нашето општество се соочува со исклучително …