Промена на власта во Црна Гора, се очекува Кривокапиќ од утре да не биде премиер

Промена на власта во Црна Гора се очекува по утрешното гласање на доверба на актуелната црногорска влада на чело со премиерот Здравко Кривокапиќ. Самиот премиер денеска изјави дека ќе биде сменет од функцијата на утрешното гласање и дека владата ќе падне, пренесува српската телевизија Н1.

Кривокапиќ ги замоли граѓаните да не излегуваат на улица, порачувајќи им дека нивната безбедност и безбедноста на нивните деца е поважна од сите игри и интереси.

Црногорскиот премиер ѝ се обрати на јавноста веднаш откако парламентот денеска не успеа да го усвои дневниот ред на седницата, на која требаше да се одлучува за иницијативата за смена на вицепремиерот и лидер на движењето „УРА“ Дритан Абазовиќ. Дневниот ред на седницата на која требаше да се гласа за Абазовиќ го поддржаа 20 пратеници, 11 беа против, а 46 пратеници гласаа воздржано.

Кривокапиќ и Абазовиќ веќе подолг период имаат спротивставени позиции по значајни прашања за натамошниот развој на Црна Гора. Премиерот побара разрешување на Абазовиќ поради тоа што коалицијата „Црно на бело“, составена од „УРА“ и „Цивис“, побараа за 4 февруари парламентот да гласа за недоверба на црногорската влада. Досегашната влада имаше парламентарно мнозинство со само еден пратеник повеќе, така што извесно е дека на извршната власт ќе ѝ биде изгласана недоверба.

Откако не успеаја денеска да го сменат, вицепремиерот Дритан Абазовиќ рече дека утре ќе се види волјата на народот и повтори дека актуелната влада на утрешното гласање нема да ја добие поддршката од пратениците, пренесува црногорскиот весник „Побједа“.

Инаку, од водечката опозициска партија – Демократската партија на социјалистите (ДПС) предводена од претседателот Мило Ѓукановиќ најавија дека утре ќе гласаат за недоверба на црногорската влада, но што понатаму ќе се случува со власта во Црна Гора не е во целост извесно. Досегашниот премиер Кривокапиќ тврди дека токму претседателот Ѓукановиќ е иницијатор за смената на владата во Црна Гора.

Движењето „УРА“ на вицепремиерот Дритан Абазовиќ тврди дека во моментов е неопходно во Црна Гора да се формира малцинска влада, која ќе ја добие поддршката од парламентот. Социјалистите на Ѓукановиќ се согласни да се формира малцинска влада, но Абазовиќ бара двете најмоќни политички партии – ДПС и Демократскиот фронт да немаат претставници во малцинската влада, пишува сервисот на Би-би-си на српски јазик.

Во актуелниот парламент на Црна Гора свои пратеници имаат девет политички партии и коалиции, а досегашното мнозинство имаше поддршка од 41 од вкупно 80 пратеници.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Дали Србија чека шанса да го окупира северот на Косово?

Србија се вооружува, а нејзиниот претседател го фали трпението на Азербејџан кон Нагорно Карабах, пишува …