Промени во ФК „Победа“: Емил Јанески нов претседател, Благоја Гешоски спортски директор на клубот

Промени во ФК „Победа“: Емил Јанески нов претседател, Благоја Гешоски спортски директор на клубот

После неодамнешната промена на статусот на клубот, со кој тројца фудбалски работници од ФК „Победа“ станаа сопственици на 80% од акциите на клубот откако четворица од петмината досегашни акционери им ги подарија своите акции, фудбалската гордост на градот има ново раководство.

Тоа на денешната прес конференција одржана на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ го соопшти градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, кој информираше дека нов претседател на ФК „Победа“ е Емил Јанески, а за спортски директор е назначен поранешниот фудбалер на клубот, Благоја Гешоски.

Промени во ФК „Победа“: Емил Јанески нов претседател, Благоја Гешоски спортски директор на клубот„Како градоначалник на општина Прилеп, формирав координативно тело кое е составено од 9 членови, во кое покрај мене, членуваат и тројцата фудбалски работници од клубот кои ги примија акциите како подарок од акционерите, како и петте членови на Фудбалскиот сојуз од Прилеп кои се делегати во ФФМ. На првиот координативен состанок, се договоривме дека од тој момент нема да има политика во ФК ‘Победа’ и дека наш врвен приоритет ќе биде интересот на клубот, на љубителите на фудбалот и на целата прилепска спортска јавност. Сите одлуки ќе ги носиме со консезус, а не со надгласување. На состанокот, двата мои предлога беа едногласно усвоени, со што за претседател на клубот беше избран Емил Јанески, а за спортски директор Благоја Гешоски, кои заедно со актуелниот тренер на ФК ‘Победа’, Дарко Крстески, ќе го водат клубот до крајот на првенството“, изјави градоначалникот Јованоски.

Јованоски нагласи дека во координативното тело ќе бидат вклучени и легенди на „Победа“ кои значат многу за фудбалот во градот и пошироко, како и членови од навивачките групи.

Новиот претседател на ФК „Победа“, Емил Јанески, рече дека ситуацијата во клубот не е добра, дека недостигаат и финансиски средства, а борбата за опстанок во Втората лига ќе биде грчевита.

„Целта е оваа година да создадеме услови за опстанок во Втората фудбалска лига, а понатаму да размислуваме ‘Победа’ да се најде на местото каде припаѓа – да игра значајна улога во Првата фудбалска лига. Ветувам дека нема да се дозволи политика во фудбалскиот клуб. ‘Победа’ е градски и натпартиски проект. Ние не сме доволни да го подметнеме својот грб за успехот на ‘Победа’. Потребна ни е помош од сите кои му го сакаат доброто на клубот – од фудбалските работници, од бизнис секторот и од целиот општествен контекст на градот. Се надевам дека за брзо време неделата повторно, исто како некогаш, ќе биде фудбалски празник“, истакна Јанески.

„Победа е пред се’ и од овој момент ќе се залагам за нејзин опстанок, како и за понатамошно добивање на заслужениот статус. Играчите целосно ја имаат мојата поддршка, заедно со нив, со локалната самоуправа, со навивачите, ќе се избориме за спас на клубот“, напомена новиот спортски директор на ФК „Победа“, Благоја Гешоски.

Формирањето на координативното тело е одлична работа, иако можеби малку задоцнето, можеби требаше тоа да се случи на почетокот на годината. Градоначалникот е добро запознаен со состојбите во клубот, тој најмногу помагаше и без неговата помош досега веројатно клубот и немаше да постои. Сега и јас како тренер и фудбалерите ќе ја почувствуваме поддршката, ќе знаеме дека има некој зад нас, дека постои клубот, а досега се чувствуваме како да сме сами во градот’, потенцираше тренерот на ФК „Победа“, Дарко Крстески.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, испрати порака со оддавање почит и слава …