Обраќање на Заев и Прадхан: Владата успеа со транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните

Обраќање на Заев и Прадхан: Владата успеа со транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните

Во рамки на редовната седница на Владата на Република Северна Македонија, којашто се одржа денеска, посебна точка беше посветена на концептот на Отворено владино партнерство (ОВП). Со таа цел на седницата се приклучи и генералниот директор на ОВП, од канцеларијата во Њујорк, Санџај Прадхан.

Во своето воведно обраќање, премиерот Зоран Заев зборуваше за посветеноста на Владата во следење на принципите кои се темел на Отвореното владино партнерство.

„Креирани се 4 национални акциски планови, а моментално сме во фаза на креирање на петтиот акциски план којшто треба да го опфати периодот 2021-2023. Имаме спроведено над 50 мерки и активности кои водат кон поголема отвореност на работата на Владата. Мерките директно влијаат врз остварувањата на правата на граѓаните и го подобруваат нивниот статус. Основната цел на Отвореното владино партнерство, а и на оваа Влада се конкретни заложби за промовирање на транспарентност, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии во јавната администрација и надвор од неа со поддршка на иновациите. Владата успеа преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните. Тие се вклучени во процесите за креирање на сите владини политики, како единствен начин да имаме политики, закони, стратегии кои одговараат на интересите и потребите на сите граѓани“, истакна премиерот Заев.

Тој се осврна на проширувањето на опфатот на ОВП во нашата земја, односно успехот да се  вметне и локалниот елемент, Собранието како законодавна институција (познат по иницијативата Отворен парламент) и судската власт (Отворено судство). Северна Македонија е меѓу првите држави кои го проширија опфатот со заложби наменети скоро кон сите институции. Со ова само покажуваме дека отвореноста и транспарентноста се главни стожери на работата на оваа Влада и за тоа ќе се залагаме и во идните акциски планови.

Зборувајќи за алатките кои се клучни во зголемување на транспарентноста во работењето на јавните институции, премиерот Заев потсети на неколку кои беа изработени во последните 2-3 години.

Тој се осврна и на моделот на обврска на претходно јавно објавување на договорот со операторот по завршена јавна набавка, а пред да почне да се реализира проектот. Тоа заштедува стотици милиони евра.

„Преку промоција и поддршка на Oтвореното владино партнерство започна и иницијативата „Отворен трезор“ преку која се отворија трезорските трансакции на национално и локално ниво, па Владата овозможи поголем увид во трошењата. Алатката придонесува и кон намалување на корупцијата и неефикасните трошења. Во тој контекст го креиравме и порталот за отворени податоци, каде институциите во отворен формат ги објавуваат податоците кои се во интерес на медиумите, бизнис заедницата, но и сите граѓани. Овие податоци понатаму можат да се користат за најразлични анализи, планирања, развивање на нови бизнис идеи. Дигитализацијата и новите технологии ни овозможуваат брза и лесна комуникација. Дигиталните технологии ни овозможуваат консултациите со граѓаните и граѓанскиот сектор да бидат секојдневна и редовна појава. Ниеден политичар повеќе нема оправдување дека немал доволно време или шанса да се консултира со сите заинтересирани страни. Денес, тоа е полесно од било кога. Ова е можност која ние ја користиме, но во иднина ќе ја користиме уште повеќе“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев ја истакна и важноста од вклучување на сите засегнати страни во овој процес, особено граѓанскиот сектор кои се активни чинители како во создавањето така и во мониторингот на активностите. Преку оваа соработка со граѓанското општество, координирана од Фондацијата отворено општество Македонија, беше воспоставен Советот за координација и следење на процесот на ОВП, што претставува прв модел на партнерство и еднаквост во одлучувањето во нашата држава.

Во своето обраќање, директорот на ОВП Санџај Прадхан, се осврна на главните цели кои треба да се постигнат со новиот петти Национален акциски план за ОВП во Северна Македонија за периодот од 2021 до 2023 година.

„Првата цел е градење на доверба кај граѓаните. На глобално ниво, довербата на граѓаните во владите падна на најниско ниво во историјата. Според индексот на перцепција на демократијата во 2020 година,  57% од граѓаните што живеат во демократски држави сметаат дека нивната избрана влада ретко или никогаш не дејствува во јавен интерес. Довербата на граѓаните на глобално ниво падна уште повеќе за време на пандемијата. Пристапот на Отворено владино партнерство може да помогне во градење на довербата во институциите. Втората цел е градење на доверба кај инвеститорите, што е од клучно значење за заживување на економијата. Отворените влади мора да се борат против корупцијата и да овозможат еднакви можности за работа на бизнис секторот. Третата цел се однесува на агендата за пристапување кон Европската Унија. Принципите на ОВП можат да бидат од витално значење за исполнување на приоритетите утврдени во Оперативната програма 2020-2024 за унапредување на членството во ЕУ“, истакна Прадхан.

Директорот Прадхан, го поздрави пристапувањето на Северна Македонија во Коалицијата за слобода на медиумите, каде членуваат 35 земји членки. Дополнително, тој ги поздрави заложбите за следење на ОВП и во реформите во правосудството.

„Вие во Северна Македонија бевте инспиративни лидери како прва земја од Западен Балкан што го искористи својот Акционен план за ОВП за унапредување на пристапот до реформите во правосудството. Би било важно да се спроведе вашата претходна заложба за подобрување на пристапот до правда за маргинализираните групи, особено за ромската заедница. Целосно спроведено, ова може да се сфати како примерна на глобалната практика. Исто така, ги поздравувам вашите нацрт заложби на ОВП за подобрување на пристапот до правда за социјално загрозените граѓани и жртвите на семејно насилство, како и за отворање на судските податоци и институциите пред граѓаните“, рече Прадхан.

Тој го поздрави и пилот проектот на Министерството за образование и наука, којшто се однесува на отворање на младински клубови во средните училишта, каде учениците ќе имаат можност да придонесат во креирање на младински политики.

По официјалните обраќања, следеше отворена дискусија, во која членовите на Владата имаа можност да ги претстават активностите кои се во нивна надлежност, а произлегуваат од заложбата за Отворено владино партнерство.

Прочитајте повеќе

Ескобар: Добивме уверување од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе останат посветени на европскиот пат

Ескобар: Добивме уверување од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе останат посветени на европскиот пат

Очекуваме дека Северна Македонија ќе продолжи по европскиот пат, кажа заменик-помошникот секретар на САД во …