Влада: Со законски измени ќе се регулираат цените во приватните болници за хоспитализација на болните од КОВИД-19

Владата на Република Северна Македонија на денешната 65 седница ги утврди измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита со кои, меѓу другото, Министерството за здравство добива дополнителни овластувања во услови на кризна состојба прогласена заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест.

Со предложените измени се уредува и начин на вршење на здравствена дејност од страна на приватните здравствени установи при утврдено постоење на кризна состојба заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест, а на Владата и се овозможува законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија за да се овозможи овие услуги да бидат подеднакво економски достапни за сите граѓани, со што ќе се заштити јавното здравје и економските интереси на сите граѓани.

Со предложените законски измени е предвидено и користење на ресурсите на приватните болници доколку условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата во име на заштита на јавното здравје и се забранува преземањето на здравствените работници од јавното здравство од страна на приватните здравствени компании.

Измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита ќе бидат испратени на усвојување во Собранието по скратена постапка, а во нив се предвидени и измени во делот на глобите за прекршоци доколку приватните здравствени установи не постапуваат согласно законските одредби.

На предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, на денешната седница Владата ја утврди Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија, со која се предлага на Собранието на Република Северна Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба до 31 декември 2021 година и донесе заклучок оваа предлог одлука да ја достави до Собранието.

На оваа своја седница Владата ја донесе Одлуката за одобрување на 184,5 милиони денари, односно околу 3 милиони евра од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година од програмите за ковид мерките за спортските федерации на кои им е издаден ваучер согласно Законот за спорт, со што се создаваат услови за непречено спроведување на нивните активности и во овие вонредни услови заради пандемијата со КОВИД-19.

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …