Протест на организациите за права на животните

Протест на организациите за права на животните

„Сонувам за хумано утре!“ е слоганот на 12 организации од повеќе градови низ Македонија, што организираат протест против нехуманиот однос кон бездомните животни, денеска (недела, 4 ноември), со почеток во 12 часот, пред Собрание на РМ, Влада, Град Скопје, како што стои во повикот на Фејсбук.

„Да го дигнеме гласот и конечно да се обидеме да создадеме хумано општество во кое живеат не само луѓето, туку и сите останати живи суштества. Да излеземе сите заедно за надлежните конечно да започнат со примена на хуманите методи до трајно решение на овој проблем – секое животно да има дом!“ – повикуваат организаторите.

Организациите ја осудуваат праксата „залови-стерилизирај-врати“ и сметаат дека тоа говори за институционална кусогледост. Според нив, темпото на работа на нашите стационари нема никогаш да ја стигне природната прогресија на уличните животни, особено ако не се применат и другите мерки што со години наназад ги предлагаат.

Организаторите сметаат дека бездомните животни во Македонија би се ставиле под контрола во период од само неколку години исклучиво ако во секој град/општина:

  1. Стационарите се под раководство на активисти за заштита на животни со задржано финансирање од градот/општината
  2. Се комплетира Регистарот на сопственици на миленици
  3. Се комплетира Правилникот за одгледувачници
  4. Се изработи Регистар на одгледувачници кои уредно ќе плаќаат данок со што ќе се спречи да работат на црно притоа зголемувајќи го бројот на бездомни животни во градот
  5. Се спроведува ригорозен инспекциски надзор со највисоки казни за секој нерегистриран или напуштен миленик
  6. Градот/општината преку Советот усвои одлука за оданочување на сопственици со репродуктивно способни миленици
  7. Градот/општината преку Советот усвои одука за субвенционирање на сопственици кои сакаат да го стерилизираат/кастрираат својот миленик
  8. Министерството за образование и наука, во соработка со АХВ, градот, сите општини и останатите поврзани институции спроведе масовна едукација во двете задолжителни нивоа на образование за одговорно сопствеништво и вдомување наспроти купување миленик.

„Почитувани, дојдено е времето одлучно да се исправиме и да кажеме СТОП за сите нехумани идеи, нечовечки третман и изживување врз животните. Вардариште не е нашето лице! Излези на маршот за поддршка на единствената хумана програма што дава успех, излези за животните!“ – стои на крајот на повикот за протест.

Извор: CIVILMEDIA

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …