Софија Бугарија

Протест во Софија за поддршка на Бугарите во Македонија

Протест денеска напладне ќе се одржи во Софија, пред зградата на Европската комисија, за поддршка за натепаниот секретар на бугарскиот клуб „Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков и за правата на Бугарите во Македонија, објавија бугарските медиуми.

Протестот го најави бугарскиот претставник во Европскиот парламент и копретседател на ВМРО, Ангел Џамбаски, кој побара и итен прекин на преговорите на земјава за членство во ЕУ.

Европратеникот најави дека членовите и симпатизерите на ВМРО денеска ќе протестираат во одбрана на правата на луѓето со бугарски идентитет во Република Северна Македонија.

Протестот доаѓа откако пред два дена во угостителски објект во Охрид од тројца охриѓани бил нападнат 21-годишниот охриѓанец Христијан Пендиков. Како што изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за емисијата BulgariaOnAir, напаѓачите го навредувале Пендиков и му се заканувале дека ќе го убијат бидејќи е Бугарин и работи во културниот центар.

За ова следеа остри осуди и од македонскиот и од бугарскиот државен врв, како и од Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјава, од каде порачаа дека ги осудуваат сите акти на насилство, како тој во Охрид и очекуваат властите да го истражат случајот.

Напаѓачите се приведени од полицијата, а Бугарија синоќа со владин авион го транспортираше нападнатиот секретар за да го лекува во болница во Софија.

Бугарија две години имаше ставено вето на Македонија за почеток на преговорите за влез во ЕУ, бидејќи не го признава македонскиот јазик и спори голем дел од историските случувања. Ветото беше тргнато лани во јуни, со услов земјава да направи уставни измени и да ги внесе во него Бугарите како државотворен народ.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Хрватска: ХДЗ е победник - следува постизборна математика

Хрватска: ХДЗ е победник – следува постизборна математика

Формирањето влада нема да биде едноставно: според привремените изборни резултати, ХДЗ е на прво место …