По повод започнувањето на масовната имунизација во општина Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски го посети регионалниот вакцинален пункт во спортската сала при СОУ „Ѓорче Петров“, каде разговараше со граѓаните кои денеска ја примија првата доза од вакцината.

Изразувајќи лично задоволство од начинот на кој се одвива првиот ден од масовната имунизација во општината, во изјава за медиумите Јованоски потенцираше дека масовната вакцинација, е почетокот на крајот на пандемијата .

„Согласно сите протоколи за успешно одвивање на процесот, денеска стартуваше масовната вакцинација во општина Прилеп. Досега, ниту еден од граѓаните кои примија вакцина, не се пожали на непосакуван ефект од вакцинирањето. Се надевам дека така ќе продолжи и во иднина.Уште еднаш упатувам апел до граѓаните, да се регистрираат на онлајн страната www.vakcinacija.mk и преку системот „Мој термин“ ќе бидат упатувани за вакцинирање во регионалниот пункт во Прилеп. Моите очекувања се дека сите заинтересирани граѓани, ќе бидат вакцинирани во наредните два до три месеци. Регионалниот вакцинален пункт во Прилеп, е со капацитет за вакцинирање на 1.000 граѓани дневно. Сепак, во текот на денешниот и утрешниот ден, согласно протоколите, бројот на добиени вакцини и закажаните термини за вакцинација, со вакцината на „Астра Зенека“ ќе бидат вакцинирани по 500 граѓани“, изјави градоначалникот Јованоски.

Директорката на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“, Кети Смилеска кажа дека на пунктот за масовна вакцинација во Прилеп пристигнале 1.000 дози од вакцината на „Астра Зенека“, а граѓаните кои ќе се вакцинираат со оваа вакцина, се над 60 годишна возраст.

„За нас е разбирливо, очекувано и пред се’ хумано, најранливите категории на граѓани да бидат вакцинирани во првиот бран, односно во првите неколку денови од масовната имунизација во прилепскиот регионален пункт. Денеска пунктот стартуваше со работа во 10.00 часот и ќе работи до 16.00 часот, а веќе од утрешниот ден ќе функционира од 08.00 до 20.00 часот“, нагласи Смилеска

Во врска со граѓаните кои првата доза од вакцината ја примиле во вакциналните пункта во Битола и Кавадарци, Смилеска потенцираше дека ќе треба да се ревакцинираат во истите пунктови. Единствено, граѓаните кои ја примиле првата доза од вакцината на компанијата „Синофарм“ во пунктот во Здравствениот дом во Прилеп, а којшто повеќе не е во функција, ќе имаат можност да бидат ревакцинирани во регионалниот пункт во спортската сала на ООУ „Горѓе Петров“, дополни Смилеска.