Во насока на афирмација на кошарката во градот, вчера во Прилеп се одржа средба на претседателот и спортскиот директор на КФСМ, Перо Антиќ и Тодор Гечевски, со претставници на Општинскиот кошаркарски сојуз и поранешни кошаркари и кошаркарки од градот.
Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ рече дека целта на престојот на првите луѓе на Кошаркарската федерација во Прилеп, е во функција на заживување на кошарката во градот, а генерално и во целата земја.
„Наша цел, како раководство на Кошаркарската федерација, е да ја заживееме кошарката, спорт за кој сме компетентни да зборуваме и да помогнеме. Она кое што најмногу им недостига на клубовите, се финансиите. Потребни се услови, потребни се сали како би можело да се работи со младите од нивната најрана возраст. Целта не е само да купуваме играчи кои за кратко време ќе не’ напуштат, туку да инвестираме во наши, домашни играчи. Почнавме да работиме по една програма и очекувам дека за брзо време ќе го подигнеме квалитетот на многу повисоко ниво“, нагласи првиот човек на КФСМ и единствениот македонски кошаркар кој играл во најсилната кошаркарска лига во светот, НБА, Перо Антиќ.
Тодор Гечевски, спортски директор на КФСМ, истакна дека е пријатно изненаден од интересот за средбата и желбата за реанимирање на кошарката во Прилеп.
„Кошаркарската федерација е тука за да им помогне на клубовите во целата држава, од секој град, со обезбедување опрема, семинари и друг вид на помош, со цел овој спорт да се врати на патеките на успехот. Очекуваме дека помошта ќе стигне и од Општината и од градоначалникот и се надеваме дека денешната средба ќе биде почеток на една соработка која ќе донесе резултат“, истакна Гечевски.
Градоначалникот Илија Јованоски го искажа задоволството што после подолго време, на едно место се собрани голем број поранешни кошаркарски асови, кои беа синоним за спортот и кошарката како во градот, така и во државата.
„Прилеп заслужува да има кошаркарски клуб во Првата лига. Подолго време се обидуваме да ги надминеме административните пречки и од државата да ја добиеме на управување Универзалната сала, која своевремено беше центар на сите најзначајни кошаркарски и ракометни збиднувања во нашиот град. Во договор со Владата и Агенцијата за млади и спорт, очекувам дека најдоцна за еден месец Општина Прилеп ќе ја добие на управување оваа сала. Она кое што во овој момент можам да го ветам, е дека веднаш штом тоа се случи, без никаков финансиски надомест Универзалната сала ќе им ја отстапиме за тренинзи на спортските клубови од градот“, потенцираше градоначалникот Јованоски.
Александар Дамески, претседател на Општинскиот кошаркарски сојуз, рече дека и во времето кога екипата на организаторот на денешниот настан, КК „Мега баскет“, се такмичеше во втората лига, не изостанала помошта од Општината и градоначалникот. Од таа причина, нагласи Дамески, не постои никаков сомнеж дека и во иднина соработката со Општината ќе биде на потребното ниво.
За особен придонес во развојот на кошарката во градот, на вчерашната средба Општинскиот кошаркарски сојуз на Прилеп им додели плакети на Благоја Самакоски, Михајло Атанасоски и Тони Стевананџија.