Путин: Приведени се сите одговорни за нападот во Москва

Путин: Приведени се сите одговорни за нападот во Москва

Рускиот претседател Владимир Путин се обрати по нападот во Москва, нарекувајќи го пукањето во петокот вечерта (22.3) „крвав и варварски терористички напад“ и рече дека инволвираните се обиделе да избегаат и да преминат во Украина.

„Пронајдени и приведени се сите четворица директни извршители на терористичкиот напад, сите кои пукаа и убиваа луѓе“, рече Путин.

„Тие“, како што наведе рускиот претседател, „се обиделе да се скријат и се упатиле кон Украина, каде според прелиминарните податоци им бил подготвен премин од украинска страна за преминување на државната граница“, тврди Путин.

Путин рече дека се приведени вкупно 11 лица. Безбедносните служби претходно соопштија дека другите седуммина уапсени се соучесници.

Путин го прогласи утрешниот ден, 24 март, за ден на жалост и изрази сочувство до семејствата на загинатите во нападот.

„Терористите, убијците можат да очекуваат само едно, можат да очекуваат казна. Непријателите нема да нè поделат“, рече тој.

Украина претходно ги негираше наводите за каква било вмешаност.

Пукањето се случи во концертната сала „Крокус Сити“ во Красногорск, предградие западно од Москва, по што избувнал голем пожар.

Според последните податоци, во нападот загинале најмалку 115 лица, додека најмалку 140 се ранети.

Одговорност за нападот презеде екстремистичката група „Исламска држава“. Неколку часа по почетокот на инцидентот, каналите на Телеграм поврзани со Исламска држава објавија соопштение во кое се вели дека групата „нападнала голем собир на периферијата на руската престолнина Москва“.

Вчерашниот напад кај Москва беше најлошиот во Русија од 2004 година, кога вооружени лица земаа повеќе од илјада заложници во училиште во градот Беслан на југот на Русија. Повеќе од 330 луѓе, речиси половина од нив деца, на крајот загинаа во тој напад.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го изгласа Планот за раст за Западен Балкан, што е досега најамбициозниот финансиски …