Секогаш сум ја поддржувал европската интеграција на Македонија, но во согласност со принципите на добрососедство и Копенхашките критериуми за членство, изјави Радев
Бугарскиот претседател Румен Радев коментира дека наскоро ќе биде јасно дали новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова и партијата ВМРО-ДПМНЕ ќе работат за европската перспектива на Скопје. Тој, како што пренесува бугарски „Медиапул.бг“, кажа дека секогаш ја поддржувал европската интеграција на Македонија, но во согласност со принципите на добрососедство и Копенхашките критериуми за членство.
„А тоа би значело промена на Уставот и почитување на правата на македонските Бугари. Одбивање на јазикот на омразата, кој дивееше во оваа изборна кампања, ревизија на учебниците, почитување и заштита на бугарското културно-историско наследство во оваа земја“, посочи Радев.
Како што потсетува медиумот, пред гласањето албанските партии се согласија да не поддржат Влада која нема да поддржи измени на уставот.
„Со нив во основниот закон треба да се вклучат и Бугарите. Ова е утврдено во преговарачката рамка на Северна Македонија и е услов за почеток на вистински преговори за членство во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги блокираше измените во претходниот парламент и разви моќна антибугарска кампања. Сега прашањето повторно е на дневен ред“, пренесува „Медиапул“.бг.