Расчистувањето на малата депонија со линдан во ОХИС не влијае на квалитетот на воздухот

Расчистувањето на малата депонија со линдан во ОХИС не влијае на квалитетот на воздухот

Мерењата на параметрите во воздухот на четири локации, од кои две се во населбите околу кругот на фабриката, покажуваат дека ископувањата на опасниот отпад од малата депонија нема влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето

Нема испарувања и зголемени концентрации на линдан во населените места околу ОХИС. Мерењата на параметрите во воздухот на четири локации, од кои две се во населбите околу кругот на фабриката, покажуваат дека ископувањата на опасниот отпад од малата депонија нема влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето.

Според податоците од Државниот инспекторат за животна средина, во некогашната хемиска фабрика се прават редовни контроли на ископот, пакувањето и извозот на линданот. Мерењата на концентрациите во воздухот се прават секој ден, а анализите се вршат во лабораторијата на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет. Резултатите се објавуваат како просек од неделните вредности на мерењата.

„И покрај тоа што се работи на повисоки температури, кога се случуваат поголеми испарувања и се чувствува миризба, нема надминувања на концентрациите на линдан во резиденцијалните делови во околината“, посочуваат од ДИЖС.

Расчистувањето на малата депонија со линдан во ОХИС не влијае на квалитетот на воздухот
Фото: ДИЖС

Минатата недела заврши ископувањето на нови 520 тони токсичен линдан и уште 210 тони контаминирана земја од малата депонија во ОХИС. Отпадот е веќе спакуван и извезени се 320 тони кои треба да завршат во Треди, Франција, на конечно уништување. Остатокот од опасните материи се очекува да се извезат до крајот на овој или почетокот на следниот месец, со што ќе заврши расчистувањето на третиот лот во депонијата.

Од Министерството за животна средина велат дека ова е петти извоз на отпад од ОХИС кој се врши според планиран распоред. Се очекува во следните денови контејнерите да пристигнат на пристаништето во Солун, Грција и да заминат за Франција.

„Деновиве се извезуваат 80 тони отпаден HCH линдан и остануваат уште 120 тони спакуван линдан кои се планирани да се извезат до крајот на август или почетокот на септември, како и 210 тони спакувана контаминирана земја“, велат од Министерството. Посочуваат дека работите на терен треба да продолжат со расчистување на четвртиот лот од малата депонија, за што се обезбедени средства од Мултипартнерскиот фонд.

Досега, во проектот за расчистување на опасниот отпад од ОХИС во рамките на првиот лот се спакувани и извезени 477 тони HCH линдан и 127 тони контаминирана земја, а во вториот лот се исчистени и извезени 488 тони линдан. Опасниот пестицид во ОХИС е несоодветно складиран во две депонии во кругот на фабриката, а пред неколку месеци се докажа дека има и трета, надвор од кругот на фабриката, во месноста Пеленица кај Драчево. Депонијата содржи неколку видови опасен отпад. Најновата депонија содржи огромни количини опасен отпад, околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло. Според испитувањата на неколку мерни места на локацијата, високите концентрации на HCH се детектирани во покривниот слој земја, на длабочина помала од 20 сантиметри, а на длабочина од само половина метар е најден чист линдан.

Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата. Линданот докажано го има во воздухот од Центар дури до Ѓорче Петров, а според последните испитувања на зеленчук одгледан во околината на фабриката, од девет примероци, три покажале повисоки концентрации на алфа изомерот. Во ОХИС до неодамна беа складирани и 64 тони на десетици други опасни хемикалии, кои за две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа извезени на уништување во повеќе држави.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

цук пожари

Во изминатото деноноќие регистрирани 22 пожари на отворено, осум сè уште се активни

Вкупно 22 пожари на отворено биле евидентирани во последното деноноќие, а од нив утрово се …