Распишан тендерот за изградба на брзиот автобуски превоз – БРТ во Скопје

Распишан тендерот за изградба на брзиот автобуски превоз – БРТ во Скопје

Tри дена пред одржувањето на вториот круг од локалните избори во Скопје, скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска објави дека е распишан тендерот за изградба на брзиот автобуски систем – БРТ.

„Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе БРТ систем, што не е само успех за градот туку и за целата држава“, изјави градоначалникот Шилегов.

Тендерската постапка следува откако Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го одобри кредитот за изградба на брзиот автобуски систем во Скопје.

Најпрво ќе започне да се гради првата линија од БРТ меѓу Ѓорче Петров и Ново Лисиче, со должина од 12,81 километри, 21 автобуска постојка и 2 терминала. Со имплементацијата на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се преполови на 35 минути за граѓаните кои го користат јавниот превоз.

Заедно со изведбата на трасата од првата линија на БРТ, ќе се набават и еколошки автобуси кои ќе сообраќаат на хибриден погон на гас и електрична енергија, кои ќе бидат долги 18 метри.

Тендерската постапка објавена на веб-страницата на ЕБОР предвидува заинтересирани компании за учество во тендерската постапка своите претквалификациски понуди да ги достават најдоцна до 14 декември. Самиот тендер ќе се спроведе во две фази, при што во оваа првична фаза ќе се изберат компаниите и конзорциумите кои ги задоволуваат критериумите на тендерот за да се пласираат во втората квалификациска фаза, од која ќе се избере најповолниот понудувач.

Покрај изградбата на трасата, која ќе вклучи нов мост на реката Вардар во Карпош 4 и изведба на “топла врска” на БРТ линијата со Транспортниот центар за брз трансфер на патници, планирана е надградба на постојното депо на ЈСП – Скопје во Ѓорче Петров, како и изградба на ново депо за автобуси во населбата Ново Лисиче.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку кратко соопштение, без да наведат повеќе детали, обвинија дека со овој потег градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кому во вториот круг на локалните избори ќе му се спротивстави Данела Арсовска, го крши Изборниот законик.

„Проектот кој што денес спротивно на закон го тендерира, на само два три дена од изборниот пораз кој ќе го доживее, е критизиран од јавноста“, велат од ДПМНЕ.

Прочитајте повеќе

Џафери: Новата генерација полициски службеници со амбиција за напредок ја гради сликата за професионална полиција

Џафери: Новата генерација полициски службеници со амбиција за напредок ја гради сликата за професионална полиција

Претседателот на Владата, Талат Џафери, денеска во Центарот за обука на МВР присуствуваше и се …