Влада

Ратификувањето на Договорот за ФРОНТЕКС е израз на нашата посветеност за заштита на границите и издигнување на македонскиот идентитет на европско рамниште

Соопштение на Владата на РСМ

Владата на Република Северна Македонија го поздравува усвојувањето на Законот за ратификација на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) во Република Северна Македонија.

Договорот за ФРОНТЕКС, ратификуван на вчерашната собраниска седница, беше потпишан на 26 октомври 2022 година и е прв потпишан договор со ЕУ, на македонски јазик, без додавки, фусноти и ѕвездички, што е доказ за заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, кои со овој документ се поставени на европско рамниште, заедно со сите други јазици и идентитети на земјите членки на ЕУ.

Со потпишувањето на овој документ и неговата ратификација, статусот на службената употреба на македонскиот стандарден јазик се издигнува на врвно рамниште, што нѐ прави сите нас, граѓаните на Република Северна Македонија, исклучително горди на нашата култура, јазик и идентитет, кои се признати и препознаени и во меѓународни рамки.

Македонскиот јазик и идентитет се зачувани и втемелени во европското законодавство.

Овој чин е крунисување на заложбите за зачувување и промовирање на македонскиот јазик на нашиот евроинтеграциски пат.

Ратификувањето на Договорот за ФРОНТЕКС, кој беше потпишан помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, е израз на нашата заедничка посветеност за дефинирање на трајни решенија во справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, при што почитувањето на човековите права и демократските принципи се основни темелни принципи, на кои се темели меѓусебната соработка.

На овој начин, со имплементацијата на овој Договор, ќе се придонесе кон ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата и потенцијални идни закани, а со тоа и кон справувањето со сериозниот криминал со прекугранична димензија.

Овој Договор ги уредува сите прашања неопходни за распоредување на тимовите за управување со границите од постојаниот корпус на Европската гранична и крајбрежна стража на територијата на Република Северна Македонија, при што членовите на тимот можат да вршат извршни овластувања.

Според Договорот, соработката се заснова врз принципите на партнерство и меѓусебно почитување, при што за секоја оперативна активност се договара оперативен план помеѓу Агенцијата и Република Северна Македонија.

Наведениот договор ги обврзува сите лица кои учествуваат во оперативната дејност да ги одржуваат највисоките стандарди на интегритет, етичко однесување, професионализам и почитување на основните права, како и да ги исполнуваат обврските што им се наметнати со одредбите на оперативниот план.

По цели 17 години чекање пред портите на ЕУ, Владата на Република Северна Македонија ги оствари надежите на граѓаните за целосна заштита на македонскиот јазик, култура и идентитет.

И понатаму ќе продолжиме да ги промовираме и негуваме нашите вредности, како и одржувањето на мирот, безбедноста и стабилноста во нашата држава.

Прочитајте повеќе

Виралниот ТикТок предизвик „Супермен“ испраќа тинејџери и средношколци во болница

Виралниот ТикТок предизвик „Супермен“ испраќа тинејџери и средношколци во болница

На видеа на ТикТок, има деца кои намерно не го прифаќаат ученикот кој скока врз …